Шилегов по исклучувањето од СДСМ најави реакција
17/03/2026 9:16
Петре Шилегов вечерва од Кочани се огласи по исклучувањето од СДСМ, но порача дека не сака во овој момент подетално да навлегува во политички изјави.
Говорејќи во емисија на 4ТВ, Шилегов рече дека има што да каже, но дека за тоа ќе зборува во друг момент.
Најави реакција за одлуката
„Сега не е моментот да давам политички изјави, но секако имам што да кажам за психотропните супстанци на одредени лица и за парите што така лесно ги имаат заработено во изминатиот период“, изјави Шилегов.
Тој најави дека денес ќе реагира за одлуката на Извршниот одбор на СДСМ.
Од Кочани не сакал да ја коментира одлуката
Поранешниот градоначалник на Скопје и поранешен пратеник на СДСМ не сакал да ја коментира одлуката за исклучување токму на годишнината од трагедијата во дискотеката „Пулс“.
Воедно, Шилегов во судскиот процес се јавува како бранител на еден од обвинетите за пожарот.
Како што посочи, од почит кон 63-те жртви и повеќе од 200-те повредени, одбил вечерва да навлегува во пошироки политички коментари.
Беше потпретседател и член на ИО
Шилегов беше потпретседател и член на Извршниот одбор на СДСМ.
Со најавата дека дополнително ќе се огласи, се очекува во текот на денот да ја соопшти својата позиција за одлуката што ја донесе неговата сега веќе поранешна партија.






