MKinformer

your daily dose of news

Муцунски ѝ возврати на Петрова-Чамова: Немавме официјална средба, а „северномакедонски“ е несоодветен термин

12/05/2026 11:25

Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова од Брисел порача дека Северна Македонија треба да го исполни договореното од 2022 година за да продолжи евроинтегративниот процес. Нејзината изјава дојде во рамки на состанокот на шефовите на дипломатиите на ЕУ, на кој Западен Балкан беше една од главните теми.

Според Петрова-Чамова, бугарската позиција од 2022 година веќе не е билатерално прашање, туку дел од односите меѓу Европската Унија и земјата кандидат. Таа оцени дека постои прозорец за проширување во следните години и дека Скопје треба да преземе конкретни политички чекори за да не ја пропушти таа можност.

Бугарската страна и натаму инсистира на обврските од т.н. француски предлог. Тоа, меѓу другото, го вклучува и внесувањето на Бугарите во Преамбулата на Уставот, како услов за следната меѓувладина конференција со ЕУ.

На овие пораки реагираше македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски. Тој претходно од Брисел порача дека е неопходно да се надмине билатерализацијата на критериумите за членство во Европската Унија.

По изјавите на Петрова-Чамова, Муцунски преку социјалните мрежи појасни дека немало официјална билатерална средба меѓу нив. Според него, станувало збор за кратка размена на зборови на маргините на настан, во присуство на повеќе колеги.

Тој реагираше и на употребата на терминот „северномакедонски“. Муцунски порача дека Македонците се Македонци и дека ваквата терминологија е несоодветна, бидејќи станува збор за прашање на идентитет и достоинство.

Во својата реакција, шефот на дипломатијата изрази надеж дека наскоро ќе има вистинска средба со бугарската министерка. Како што наведе, таа треба да се одржи во пријателска и позитивна атмосфера, со фокус на добрососедските односи и заедничката европска иднина.

error: Содржината е заштитена од копирање !!