MKinformer

your daily dose of news

БОМБА ОД БИТОЛА: Лино Червар нов тренер на Еурофарм Пелистер

13/05/2026 11:22

Еурофарм Пелистер и официјално го потврди она што веќе подолго се најавуваше. Легендарниот Лино Червар е нов шеф на стручниот штаб на битолскиот клуб.

Раководството на Пелистер се одлучи за искусно и звучно тренерско име, во период кога амбициите на клубот се насочени кон нов исчекор и уште повисоко ниво.

Хрватскиот стратег потпиша двегодишен договор и ќе го предводи битолскиот тим во новата сезона.

Од клубот велат дека нивната приказна за сезоната 2025/26 почнува токму со назначувањето на Червар, кого го опишуваат како човек што е синоним за ракометот на овие простори.

„Во нашата историја и идентитет не постојат мали цели. Затоа мора секогаш да бидеме на висината на предизвикот, да го следиме трендот и да го надградуваме проектот“, соопштија од Пелистер.

Червар е едно од најпознатите тренерски имиња во европскиот ракомет. Низ кариерата беше селектор на Италија, Хрватска и Македонија, а работеше и во клубови како Загреб и Металург.

Во Македонија остави силен белег, особено со Металург и со македонската репрезентација. Во тој период афирмираше многу ракометари, освојуваше трофеи и изгради препознатлив систем на работа.

Од Пелистер веруваат дека токму сега е вистинскиот момент проектот да му биде доверен на Червар. Очекувањата се клубот да направи нов исчекор по трите шампионски титули и настапите во Лигата на шампионите.

Червар наскоро и официјално ќе биде претставен пред јавноста.

error: Содржината е заштитена од копирање !!