Хашкиот трибунал ја одби молбата на Ратко Младиќ за предвремено ослободување
14/05/2026 22:26
Меѓународниот трибунал на Обединетите нации за воени злосторства во поранешна Југославија ја одби молбата за предвремено ослободување на Ратко Младиќ.
Поранешниот командант на босанските Срби бараше да биде пуштен на слобода од хуманитарни причини. Како аргумент беше наведена неговата влошена здравствена состојба.
Трибуналот соопшти дека барањето на 84-годишниот Младиќ е одбиено. Тој издржува доживотна казна затвор за геноцид, воени злосторства и злосторства против човештвото.
Во јуни 2021 година, Младиќ правосилно беше осуден по 10 од 11 точки од обвинението.
Во меѓувреме, неговиот син Дарко Младиќ изјави дека здравствената состојба на неговиот татко значително се влошила во последните две недели.
Според српски медиуми, Ратко Младиќ на 10 април претрпел мозочен удар. Покрај тоа, се наведува дека има и сериозни невролошки, кардиоваскуларни и бубрежни заболувања.
Одлуката на Трибуналот значи дека Младиќ останува во затвор, и покрај повикувањето на тешката здравствена состојба.






