Иран воведе осигурување за пловидба низ Ормускиот теснец, плаќањето ќе оди со биткоини
18/05/2026 16:49
Иран воведе нова осигурителна услуга за бродови што пловат низ Ормускиот теснец. Плаќањето ќе се врши со биткоини. За ова објави Bloomberg Adria, повикувајќи се на полуофицијалната иранска агенција „Фарс“. Услугата го носи името „Ормуз сејф“.
Според објавените информации, услугата е наменета за бродски компании и за сопственици на товар. Таа се однесува на пловидба низ Персискиот Залив, Ормускиот теснец и околните води. Иран очекува оваа шема да донесе приходи од повеќе од 10 милијарди долари, иако не е објавена точна временска рамка.
Во системот, осигурителната полиса ќе биде криптографски проверлива. По уплатата, сопственикот на товарот треба да добие потпишана потврда за покритие. Плаќањата ќе се вршат исклучиво во биткоин.
Овој потег доаѓа во чувствителен момент за регионот. Ормускиот теснец е еден од најважните светски коридори за транспорт на енергенси. Според извештајот, Иран ја зацврстил контролата врз теснецот по нападите на САД и Израел врз земјата на 28 февруари.
Во текстот се наведува и дека дел од бродовите веќе минувале по рута блиску до иранскиот брег. Некои случаи, наводно биле барани плаќања и до два милиони долари. Во исто време, повеќе од 1.500 комерцијални брода биле блокирани во Персискиот Залив на почетокот на мај.
Сепак, има и сериозни дилеми. Bloomberg Adria наведува дека биткоинот е нестабилен и ризичен како средство за плаќање во ваков вид осигурување. Дополнителен проблем може да бидат и американските санкции кон Иран, поради кои странските компании би можеле да бидат претпазливи.
Во извештајот се споменува и иранскиот бизнисмен Бабак Занџани. Тој е меѓу првите што ја промовирале идејата за ваква шема. Иранските власти, пак, најавуваат и професионален механизам за управување со сообраќајот низ теснецот. Според нив, корист од тоа ќе имаат само комерцијални бродови и страни што соработуваат со Иран.





