Иран негира дека целосно го блокирал Ормускиот теснец
07/03/2026 10:39
Портпаролот на иранските вооружени сили, Аболфазл Шекарчи, изјави дека Ормускиот теснец не е целосно блокиран, но дека американските и израелските бродови нема да можат да поминуваат низ оваа стратешка поморска рута.
Во изјава за државната телевизија, Шекарчи нагласи дека сите други бродови имаат дозвола за пловидба.
„Сите бродови имаат дозвола да поминат, освен американските и израелските бродови. Тие немаат работа таму“, изјави тој.
Сепак, иранскиот претставник призна дека во услови на војна е невозможно целосно да се гарантира безбедноста на пловидбата во регионот.
Според проценките на американските воени набљудувачи, бродскиот сообраќај низ Ормускиот теснец во моментов е намален за околу 90 проценти.
Американскиот институт за проучување на војната во својата анализа наведува дека, додека тоа го дозволуваат воените капацитети на Иран, земјата ќе продолжи да се обидува да го попречува поморскиот сообраќај низ теснецот.
Аналитичарите оценуваат дека ваквите активности се дел од стратегијата на Техеран да ги зголеми економските и енергетските трошоци за земјите од Персискиот Залив во текот на конфликтот.
Ормускиот теснец се смета за една од најважните стратешки точки за глобалната трговија со енергенси. Тој претставува единствена поморска врска меѓу Персискиот Залив и светските океани.
Во регионот околу Персискиот Залив се наоѓаат некои од најголемите светски производители на нафта и природен гас, меѓу кои се Иран, Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт, Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.
Ормускиот теснец може да предизвика криза со храна, Дубаи има резерви за само 10 дена






