Си Џинпинг: Односите меѓу Кина и Русија се непоколебливи
20/05/2026 8:56
Кинескиот претседател Си Џинпинг порача дека односите меѓу Кина и Русија се „непоколебливи“, за време на средбата со рускиот претседател Владимир Путин во Пекинг.
На почетокот на разговорите во Домот на народните собранија, Си истакна дека високото ниво на односите меѓу двете земји е резултат на постојано продлабочување на меѓусебната политичка доверба и стратешката координација.
„Кинеско-руските односи достигнаа толку високо ниво затоа што постојано ја продлабочувавме меѓусебната политичка доверба и стратешката координација со непоколеблива истрајност“, изјави Џинпинг.
Рускиот претседател Владимир Путин, пак, оцени дека врските меѓу Москва и Пекинг достигнале „невидено ниво“.
Според него, односите меѓу двете држави денес претставуваат глобален пример за партнерство и стратешка соработка.
Средбата меѓу Си и Путин се одржува во време на засилени геополитички тензии и во период кога Кина и Русија сè почесто испраќаат пораки за заеднички настап по клучни меѓународни прашања.
Изјавите на двајцата лидери уште еднаш потврдуваат дека Пекинг и Москва сакаат да го зацврстат партнерството и да го претстават како еден од главните столбови во новиот глобален поредок.






