Хрватска ќе гради фабрика за муниција со италијанската „Берета“, Владата даде зелено светло
22/05/2026 9:23
Владата на Хрватска даде поддршка за соработка на проект за воспоставување производство на муниција од мал калибар во земјата, во партнерство со реномираната италијанска компанија „Берета холдинг“.
Со донесениот заклучок се отвора патот за изградба на фабрика за муниција во Хрватска, а Министерството за одбрана доби задача, во координација со повеќе институции, во најкус можен рок да ги преземе сите неопходни чекори за потпишување меморандум за разбирање со „Берета холдинг“.
Во процесот ќе бидат вклучени и министерствата за финансии, надворешни работи, внатрешни работи и правда, како и ресорите за економија и зелена транзиција.
Потпретседателот на Владата и министер за одбрана, Иван Анушиќ, изјави дека одлуката се носи во услови на променети безбедносни околности во регионот и во светот.
Овој потег доаѓа само неколку дена откако во Владата беше потпишан и Договор за заем во рамки на безбедносната иницијатива за Европа – SAFE, вреден 1,7 милијарди евра.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ тогаш појасни дека овие средства ќе бидат насочени кон набавка на германски тенкови „Леопард“, француски хаубици „Цезар“, чешки камиони за транспорт и логистика на хрватската армија, како и различни видови муниција.
Со новата фабрика, Хрватска очигледно сака дополнително да го засили сопствениот одбранбен капацитет и да го зацврсти партнерството со големи европски компании од воената индустрија.






