(Видео)Инцидент на прославата на независноста во Црна Гора, солзавец го прекина концертот на Рики Мартин
22/05/2026 8:33
Прославата на 20-годишнината од независноста на Црна Гора во Подгорица беше нарушена од инцидент, откако концертот на светската музичка ѕвезда Рики Мартин накратко бил прекинат поради фрлен солзавец.
Настанот се одржа на Плоштадот на независноста, каде според црногорските медиуми се собрале десетици илјади граѓани. Покрај плоштадот, преполни биле и околните улици и локали во центарот на Подгорица.
Пред настапот на Рики Мартин, на сцената се појавиле и домашни изведувачи. Атмосферата кулминирала кога порториканската ѕвезда излегла пред публиката, поздравена со силен аплауз и овации.
Рики Мартин најпрво им го честитал Денот на независноста на граѓаните и најавил посебна вечер, по што концертот го отворил со хитот „Maria“. Во првиот дел од настапот ги изведе и песните „She Bangs“ и „Private Emotion“.
Сепак, музичкиот спектакл бил накратко прекинат кога, според медиумските извештаи, бил фрлен солзавец, што предизвикало вознемиреност меѓу дел од присутните.
Засега нема повеќе официјални информации за околностите под кои се случил инцидентот, ниту дали имало приведени или повредени.
И покрај инцидентот, концертот на Рики Мартин остана еден од централните настани со кои Црна Гора ја одбележа 20-годишнината од обновата на независноста.
View this post on Instagram





