MKinformer

your daily dose of news

Осум години од Договорот од Преспа: Документот што го смени уставното име, го отвори патот кон НАТО, но го изјалови евроинтегративниот процес

17/06/2026 10:21

Договорот од Преспа беше потпишан пред осум години, на 17 јуни 2018 година, во малото грчко село Нивици, односно Псарадес, на брегот на Преспанското Езеро. Со овој документ, Скопје и Атина ставија крај на долгогодишниот билатерален спор меѓу двете земји.

Со договорот, тогашната Република Македонија го промени своето уставно име во Република Северна Македонија. Грција, пак, го призна македонскиот јазик и македонскиот идентитет. Дополнително, договорот го отвори патот за членство на земјата во НАТО и доведе до засилена билатерална соработка со јужниот сосед.

Потписници на договорот

Договорот од Преспа беше резултат на неколкумесечни интензивни преговори меѓу двете страни. Во тој период во Грција на власт беше СИРИЗА, а во Македонија СДСМ.

Документот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. На потпишувањето присуствуваа и тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот Метју Нимиц, како и високи претставници на Европската Унија и на меѓународната заедница.

Референдумот не го достигна потребниот цензус

Нешто повеќе од три месеци по потпишувањето, на 30 септември 2018 година, граѓаните беа повикани на референдум. Референдумското прашање гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“.

Излезноста на референдумот изнесуваше 36,91 отсто. Од излезените граѓани, 91,47 проценти гласаа „за“, додека 5,64 проценти беа „против“.

Сепак, референдумот не беше успешен, бидејќи не беше достигнат потребниот цензус од над половина од вкупниот број запишани избирачи.

Решение по речиси 27 години спор

Договорот од Преспа беше резултат на преговори што траеја речиси 27 години. Процесот имаше различен интензитет, периоди на застој и повторно активирање.

Особено по 2017 година, разговорите добија нова динамика, што на крај доведе до конечно решение на спорот меѓу двете земји.

Договорот остана на сила и по промените на власт

И покрај промените на власта во двете земји, Договорот од Преспа остана на сила. Во изминатите години, тој придонесе за засилена соработка во повеќе области, меѓу кои економијата и енергетиката.

Атина останува поддржувач на европската перспектива на земјите од регионот, вклучително и на Северна Македонија.

Во октомври 2021 година, претседателот Стево Пендаровски беше првиот македонски шеф на државата кој ја посети Грција. Претходно, во април 2019 година, тогашниот грчки премиер Алексис Ципрас престојуваше во Скопје, што беше прва посета на грчки премиер по потпишувањето на договорот.

Сепак, во последниот период се забележува отсуство на билатерални средби на највисоко ниво меѓу актуелните политички лидери на двете земји, како и недостиг на официјални државни посети.

error: Содржината е заштитена од копирање !!