ИЈЗ: Фекалии и пестициди ги загадуваат езерата во Македонија
20/07/2026 9:20
Фекалии, септички јами и пестициди: ИЈЗ предупредува на стари закани за трите природни езера
Иако водата на најголем дел од плажите е безбедна за капење, Институтот за јавно здравје предупредува дека Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро и натаму се изложени на сериозни ризици од загадување
Најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) покажува дека водата на најголем дел од плажите во Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро ги исполнува законските критериуми за капење. Но, зад добрите резултати од лабораториските анализи остануваат нерешени проблеми кои со години претставуваат закана за езерските екосистеми.
Фекални води, септички јами, неисправна канализација, отпадни води, пестициди и вештачки ѓубрива се меѓу главните потенцијални извори на загадување, наведува ИЈЗ, кое бара итни мерки за нивно отстранување.
Охридското Езеро останува најкритично
Најголемите забелешки во извештајот се однесуваат на Охридското Езеро, каде што, и покрај добриот квалитет на водата на најголемиот дел од плажите, институциите повторно се соочуваат со старите проблеми.
Според ИЈЗ, голем број хотели, ресторани, туристички населби и приватни куќи сè уште не се приклучени на колекторскиот систем, поради што отпадните води завршуваат во септички јами, а на одредени места и директно во езерото.
„Иако колекторскиот систем е изграден за да ги собира отпадните води од Охрид и од Струга и за да ги носи на пречистување, голем број хотели, ресторани, туристички населби и приватни куќи покрај крајбрежјето сè уште не се приклучени на него. Наместо во пречистителната станица, отпадните води завршуваат во септички јами, а на одредени места, и директно во езерото“, се наведува во извештајот.
Особено загрижува состојбата во Радожда, каде што, според ИЈЗ, дел од септичките јами се празнат директно во езерото или се поставени толку блиску до брегот што нивната содржина продира во езерската вода.
Како потенцијални загадувачи се наведени и реките Черава, Сатеска, Велгошка и Коселска, атмосферските канали, како и шанковите и базените покрај плажите.
Дополнителен проблем претставува и системот во Свети Наум, каде што отпадните фекални води не се пречистуваат целосно бидејќи недостигаат филтри и процес на хлорирање.
Анализите покажуваат добар квалитет на водата
И покрај констатираните ризици, анализите извршени во периодот од 20 мај до 24 јуни покажуваат дека водата во Охридското Езеро најчесто е од прва класа.
Најголемиот дел од плажите имаат оценка „одлична“ или „добра“ за капење. Исклучок е мерното место кај Грашница, каде што примерокот не ги исполнува критериумите за највисока категорија поради влијанието на атмосферскиот канал.
Преспанското со најмал ризик
Во Преспанското Езеро, според извештајот, состојбата е значително подобра.
При увидот на шесте мерни места не биле забележани поголеми потенцијални загадувачи, а ризикот од загадување е оценет како низок.
Сепак, ИЈЗ предупредува дека дел од отпадните води и натаму се собираат во попивни јами, пречистителната станица кај детското одморалиште „Мите Богоевски“ не функционира, а дел од отпадот од викенд-населбите се отстранува несоодветно.
Дојранското под притисок од пестициди
За Дојранското Езеро, Институтот предупредува дека најголемата опасност доаѓа од земјоделските активности околу езерото.
Пестицидите и вештачките ѓубрива што се користат на обработливите површини можат преку дождовите и подземните води да стигнат до езерото, а дополнителен ризик претставуваат отпадните води од викенд-населбите и цврстиот отпад што го оставаат посетителите.
ИЈЗ бара итни мерки
Во извештајот се бара целосно ставање во функција на колекторскиот систем околу Охридското Езеро, приклучување на сите објекти на канализациската мрежа, санација на дефектите, спречување на директните испусти на отпадни води и редовно одржување на локалните пречистителни постројки.
За Дојранското Езеро, ИЈЗ препорачува Македонија и Грција заеднички да работат на откривање на изворите на загадување, како и континуирано следење на присуството на пестициди и тешки метали.
Институтот бара и редовно објавување на резултатите од анализите, како и едукација на земјоделците за намалување на употребата на пестициди и вештачки ѓубрива.
Пред одлуката на УНЕСКО
Извештајот на ИЈЗ доаѓа во период кога Охридскиот Регион повторно е во фокусот на меѓународната јавност. На 22 јули, Комитетот за светско наследство на УНЕСКО треба да одлучува дали регионот ќе биде впишан на Листата на светско наследство во опасност.
Покрај загадувањето на езерото, УНЕСКО со години предупредува и за дивоградбите, прекумерната урбанизација, бетонирањето на крајбрежјето, несоодветното просторно планирање и притисокот од масовниот туризам.
Извештајот на ИЈЗ уште еднаш покажува дека, иако квалитетот на водата моментално е задоволителен на најголем дел од плажите, системските проблеми што го загрозуваат највредното природно богатство во земјата остануваат нерешени.






