MKinformer

your daily dose of news

Нов континент и океан: Африка се дели побрзо од очекуваното

19/06/2026 10:16

Африка полека се дели, научниците предвидуваат нов океан и нов континент

Длабоко под Источна Африка се случува геолошки процес кој би можел да го промени изгледот на светската карта. Истражувачите од Универзитетот Колумбија открија дека Земјината кора под басенот Туркана во Кенија се истенчува драматично, многу побрзо отколку што очекувале. Ова укажува дека поделбата на Африканската и Сомалиската тектонска плоча е значително понапредна отколку што се мислеше досега.

Разминување од 4,7 милиметри годишно

Анализите покажаа дека плочите се развлекуваат со брзина од 4,7 милиметри годишно. Како што кората се растегнува, таа пука и тоне, а магмата од длабочините се издигнува, поттикнувајќи вулканска активност во регионот.

Во централниот дел на раседот, кората се истенчила на само 13 километри, додека надвор од зоната на раздвојување нејзината дебелина надминува 35 километри.

„Откривме дека процесот на раздвојување во оваа зона е многу понапреднат, а кората е потенка отколку што кој било претходно претпоставуваше“, изјави главниот автор Кристијан Роуан.

Процесот на „стеснување“

Вака изразеното истенчување е последица на процесот познат како „стеснување“ (necking), кората се растегнува и стеснува слично на парче развлечена карамела. Како што станува потенка, таа слабее и дополнително го олеснува понатамошното растегнување.

Нов океан за неколку милиони години

Иако станува збор за геолошки бавен процес, научниците предвидуваат дека за неколку милиони години, морска вода би можела да продре во раседот и да започне создавањето на нова океанска кора. Тоа би значело појава на нов океан, а Африка би се поделила на два континента.

Зошто басенот Туркана е ризница на човечки фосили?

Ова истражување нуди и објаснување зошто басенот Туркана е едно од најбогатите наоѓалишта на рани човечки фосили, со повеќе од 1.200 пронајдени примероци (една третина од сите во Африка).

Пред околу четири милиони години, интензивната вулканска активност и истенчувањето на кората предизвикале слегнување на тлото и создавање басени во кои брзо се таложеле ситнозрнести седименти. Токму тие услови овозможиле идеално зачувување на коските и остатоците.

error: Содржината е заштитена од копирање !!