Георгиевски со бронза и нови бодови за ЛОИ 2028
23/06/2026 9:28
Дејан Георгиевски освои бронза и нови бодови на патот кон ЛОИ 2028
Македонскиот таеквондист и носител на сребрен олимписки медал, Дејан Георгиевски, член на КК Бутел, освои бронзен медал на Европското клупско првенство, кое викендов се одржа во Сараево, Босна и Херцеговина. Настапот во тежинската категорија над 87 килограми му донесе вредни бодови во трката за пласман на Летните олимписки игри во 2028 година.
Бронза по поразот во полуфиналето
Георгиевски беше еден од носителите на турнирот и беше слободен во првото коло. Во четврт-финалето го победи Иса Саиди од Австрија со 2-0 во рунди, но во полуфиналето загуби од Сеиф Еиса од Египет со 0-2. И покрај поразот, македонскиот репрезентативец го заврши турнирот со бронзен медал, што претставува уште еден успех во неговата богата кариера и потврда за квалитетот на македонското таеквондо.
3,6 нови бода на олимписката ранг-листа
Со овој резултат, Георгиевски освои нови 3,6 бода на олимписката ранг-листа, со што продолжува со одличните настапи на патот кон ЛОИ 2028.
Рељиќ повредена, немаше настап во Сараево
Поради повреда, во Сараево не настапи најдобрата македонска таеквондистка, олимпијката Милијана Рељиќ, членка на ТК Тигри.
“Милијана на тренинг повторно доби фрактури на палецот и на малиот прст на истата рака, на која пред три месеца имаше фрактура на третата метакарпална коска. Сега раката ѝ е во гипс, в петок одиме на преглед, па ако ни дозволат ќе настапиме на Купот Балкан Г-1 во Зрењанин, ако не, ќе мора на 22 јули да бараме поени во Лисабон, што, пак, е премногу скапо за нас. Но тоа е, ќе мора да се снајдеме за пари до тогаш”, изјави нејзиниот тренер Александар Ефтимов.






