Денеска и утре невреме и ветер над 60 км/ч, од сабота сонце
02/07/2026 8:01
Македонија денеска и утре под удар на нестабилно време, можно невреме со град и ветер над 60 км/ч
Во сабота стабилизирање со сонце и северен ветер, информира УХМР
Попладневни грмежи и пороен дожд низ целата земја
Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно, со можна појава на утринска магла во поедини котлини, додека попладне се очекува нестабилно со повремен локален дожд и грмежи.
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) , наместа се очекуваат поинтензивни процеси – со пообилен пороен дожд над 15 литри на квадратен метар, грмежи, засилен ветер со брзина над 60 километри на час и појава на краткотрајно невреме со град.
Дневните температури ќе се движат во интервал од 23 до 35 степени Целзиусови.
Во Скопје, променливо и нестабилно
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со пообилен пороен дожд и појава на град.
И утре слично, од сабота стабилизација
И утре ќе се задржи променливо облачно и нестабилно време со повремени врнежи од дожд и грмежи. Локално процесите ќе бидат поинтензивни – пороен дожд над 15 л/м², електрични празнења, силен ветер над 60 км/ч и појава на град.
Од сабота следува период на стабилно и сончево време, со умерен до засилен северен ветер, информираат од УХМР.
Препораки за граѓаните
Од УХМР препорачуваат граѓаните да бидат внимателни, особено во попладневните часови, да ги следат најновите временски прогнози и да ги заштитат возилата и имотот од евентуални оштетувања поради град и силен ветер. Возачите се повикуваат на зголемена внимателност поради намалена видливост и влажни коловози.






