Поранешни функционери на СДСМ го промовираа „Разговори за иднината“ – ново движење или почеток на нова партија?
02/07/2026 18:52
Поранешни функционери на СДСМ го промовираа „Разговори за иднината“, нова платформа која во јавноста веднаш отвори дилема дали станува збор само за политичко движење или за почеток на нова партија.
Настанот се одржа во Скопје, а зад иницијативата стојат дваесетина поранешни и еден сегашен функционер на СДСМ.
Според учесниците, платформата треба да ја реафирмира социјалдемократската идеја и да понуди поинаков пристап во опозицискиот простор. Тие сметаат дека социјалдемократската идеја не е доволно добро артикулирана од СДСМ под водство на актуелниот лидер Венко Филипче.
Ивановски предводи група поранешни функционери
Групата е предводена од поранешниот потпретседател на СДСМ, Игор Ивановски, а се претставува како ново движење и алтернатива во опозицискиот простор.
На настанот присуствувале поранешниот генерален секретар на СДСМ, Никола Ќуркчиев, Емилијан Станковиќ, некогашните потпретседатели Андреј Петров и Гордан Георгиев, како и пратеничката Славјанка Петровска.
Петровска претходно беше дел од внатрепартиската трка за претседател на СДСМ, во која учествуваше и актуелниот лидер Венко Филипче.
На собирот присуствувала и лидерката на Либерално-демократската партија и пратеничка Моника Зајкова. Од јавните личности, присутни биле адвокатот Звонко Давидовиќ и политикологот Ненад Марковиќ.
„Потребен е нов општествен договор“
Во соопштението по собирот, учесниците порачаа дека опозицискиот простор не се пополнува само со нови партии, туку со идеолошка и вредносна рееволуција.
„На Македонија ѝ е потребен нов општествен договор како основа за создавање широк опозициски потенцијал за промени. Прогресивната демократска јавност има потреба од суштинска, објективна дебата, која за да ја погоди целта мора да биде ослободена од вообичаената потреба за допадливост кон партиските авторитети“, се наведува во соопштението.
Од иницијативата велат дека собирот, кој се одвивал под наслов „Разговори за иднината во 12:05“, претставува нова демократска платформа за подигнување на нивото на општествената дебата.
Симболика во „12:05“
Учесниците објаснуваат дека времето 12:05 има симболична порака.
„Времето на часовникот е симболична порака дека веќе е доцна, но не смееме да дозволиме да стане предоцна за Македонија“, велат тие.
Според нив, потребна е суштинска промена во начинот на кој се води политичката дебата, но и во организирањето на опозицискиот блок.
Ново движење или почеток на нова партија?
Иако организаторите ја претставуваат иницијативата како платформа за разговор, идеолошка дебата и реафирмација на социјалдемократските вредности, во политичката јавност веќе се отвори прашањето дали ова е прв чекор кон формирање нов политички субјект.
Дел од толкувањата се дека се подготвува нова партија, додека други сметаат дека целта е внатрешна промена во СДСМ, преземање на партиската иницијатива и отворање простор за ново лидерство.
Засега, од „Разговори за иднината“ не најавуваат формално формирање партија, но самиот состав на присутните и пораките од собирот покажуваат дека оваа иницијатива може да има сериозно влијание врз идните случувања во опозицискиот блок.






