Погребот на ајатолахот Хомеини, влезе во Гинис: Присуствуваа над 10 милиони луѓе
03/07/2026 16:37
Погребот на Хомеини, масовноста, хаосот и метежот што го зацементираа името на ајатолахот во Гинис
10,2 милиони луѓе, два обиди за погреб, скинат ковчег и симболичен крај на една епоха
Историски рекорд што тешко ќе биде соборен
Погребот на Рухолах Хомеини, основачот на Исламската Република Иран, е запишан во Гинисовата книга на рекорди како собир на кој присуствувал најголем процент од населението на една држава во историјата . Хомеини починал на 86-годишна возраст, на 3 јуни 1989 година , по повеќе срцеви удари . На неговиот погреб, одржан на 5 и 6 јуни , според процените, присуствувале околу 10,2 милиони луѓе – или приближно една шестина од тогашната вкупна популација на Иран .
Ваквата бројка не само што го прави еден од најмасовните погреби во историјата, туку сведочи и за длабочината на емоционалната поврзаност меѓу иранскиот народ и лидерот кој ја предводел револуцијата од 1979 година. Хомеини, кој 14 години беше врховен водач на Иран , за милиони остана симбол на отпор, вера и идентитет.
Хаос кој излезе од контрола
Она што го прави погребот на Хомеини уште попознат е екстремниот хаос што го придружуваше. Првиот обид за погребување на 5 јуни прерасна во целосен метеж. Насобраните луѓе го пробиле обезбедувањето, го симнале ковчегот од рамената на носачите и ја скинале погребната ткаенина за да земат парче како реликвија.
Во тој метеж, телото на Хомеини на кратко паднало од ковчегот врз насобраната толпа . Обезбедувањето морало да пука во воздух за да се обиде да ја смири ситуацијата, а телото било евакуирано со хеликоптер. Овој обид за погреб беше прекинат, а ситуацијата на терен стана неконтролирана.
Вториот обид, метален ковчег и бетонски крај
Вториот обид за погреб се случил следниот ден, на 6 јуни . Телото на Хомеини било ставено во метален ковчег и повторно донесено со хеликоптер . Сепак, ниту овој пат обезбедувањето не можеше да ја држи толпата под контрола. Неконтролираната маса го тргнала капакот од металниот ковчег, а телото на ајатолахот било буквално стркалано во гробот .
Веднаш по спуштањето, гробот бил покриен со бетонски плочи, симболичен, но и практичен потег со кој сакале да спречат понатамошни инциденти и толпата да не дојде повторно во допир со телото.
Симболика на една епоха
Самиот погреб на Хомеини стана огледало на револуционерниот Иран – масовен, емотивен, непредвидлив и длабоко противречен. Толпата која го испраќаше својот водач не беше само тажна, таа беше и бесна, жедна за допир со светиот лик, подготвена да ги прегази сите бариери за да му оддаде почит на свој начин.
Овој настан останува еден од најнеобичните погреби во модерната историја, спојувајќи ги масовноста, религијата, политиката и народниот ентузијазам во единствен спектакл кој повеќе личеше на револуционерен собир отколку на официјална церемонија.






