Малолетник со нож се заканувал на родителите
04/07/2026 17:25
Осум случаи на семејно насилство за едно деноноќие, пријавен и малолетник кој со нож им се заканувал на родителите
Седммина приведени, еден малолетник со службен разговор, насилството не бира возраст, пол ниту град
Бран на насилство низ Македонија
Министерството за внатрешни работи информира дека во текот на последното деноноќие биле евидентирани осум случаи на семејно насилство на територијата на државата. Притоа, седум лица биле лишени од слобода, а со еден малолетник бил извршен службен разговор во присуство на родител и претставник од Центарот за социјални работи.
Овие случаи се регистрирани во повеќе градови низ Македонија, а жртвите се од најранливите категории – деца, постари лица, жени и родители.
Приведени и малолетни сторители
Во Струга бил приведен 46-годишен маж, осомничен дека физички ја нападнал својата мајка.
Во Скопје бил лишен од слобода 47-годишник, кој, според пријавата, физички ја нападнал својата партнерка.
Во Велес, полицијата извршила службен разговор со 17-годишник, поради сомнение дека физички ја нападнал и ѝ се заканувал на својата 82-годишна баба. Во истиот град биле приведени и двајца мажи на возраст од 49 и 70 години, поради закани кон членови на нивните семејства.
Во Струмица бил уапсен 29-годишен маж, кој, според пријавата, во повеќе наврати агресивно се однесувал кон сопругата, а потоа упатувал закани пред домот на нејзините родители, каде што таа престојувала со нивните малолетни деца.
Во Тетово, по пријава од родителите, од слобода бил лишен 16-годишен малолетник кој, според наводите, агресивно се однесувал во семејниот дом, кршел предмети и со нож им се заканувал на родителите и сестрата.
Во Штип, пак, бил приведен 52-годишен маж поради сомнение дека физички ја нападнал својата сопруга.
Институциите реагираат
Од МВР информираат дека за сите случаи се известени надлежните јавни обвинители, а по нивното целосно документирање ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Семејното насилство, како што покажуваат овие примери, не познава граници, ниту возрасни, ниту социјални. Жртвите се најблиските членови на семејството, а насилниците често се лица кои треба да бидат заштитници, а не извршители.




