MKinformer

your daily dose of news

Осми март во сенка на семејно насилство: Осум случаи за едно деноноќие, шест лица уапсени

09/03/2026 18:26

Празникот на жената, Меѓународен ден на жената – 8 Март, годинава во земјава помина во знакот на семејно насилство. Според податоците на Министерство за внатрешни работи, во текот на едно деноноќие биле пријавени осум случаи на семејно насилство, при што шест лица се лишени од слобода во Скопје, Росоман, Кичево и Виница.

Најголемиот број инциденти се случиле во Скопје, каде мета на нападите биле сопруги и поранешни партнерки.

Во скопската општина Карпош, полицијата привела 48-годишен маж кој во семејниот дом физички ја нападнал сопругата и оштетил дел од покуќнината. Во истиот дел од градот бил уапсен и 52-годишен маж кој, во тек на бракоразводна постапка, им се заканувал на сопругата и нивниот 17-годишен син, при што го скршил нејзиниот телефон.

Пријавен е и сериозен случај во друго скопско семејство, каде 65-годишен маж ја нападнал својата 62-годишна сопруга удирајќи ја со тврд предмет. Дополнително, 41-годишна жена пријавила дека била претепана од поранешниот партнер, додека 38-годишна жена добивала закани по живот од својот девер.

Сериозни инциденти се регистрирани и во внатрешноста на државата. Во Виница полицијата уапсила 58-годишен маж со 3,30 промили алкохол во крвта, кој ја прекршил судската забрана за приближување од 100 метри и со денови ја пресретнувал и ѝ се заканувал на својата 65-годишна поранешна партнерка.

Во Росоман, пак, 69-годишен маж под дејство на алкохол (1,40 промили) им се заканувал на својот син и снаата. Тој бил задржан во полициска станица, а за случајот бил известен и Центарот за социјални работи.

Во Кичево е регистриран и случај на насилство од дете кон родител, каде полицијата уапсила 37-годишен маж кој физички го нападнал сопствениот татко.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на сите случаи, по што против сторителите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

error: Содржината е заштитена од копирање !!