MKinformer

your daily dose of news

Владата спреми 12 милиони евра за тендер, ќе се чисти линданот во ОХИС

05/07/2026 12:51

Владата спреми 12 милиони евра за тендер за чистење на линданот во малата депонија во ОХИС. Станува збор за опасен отпад кој повеќе од четири децении претставува закана за Скопје.

На тендер се бара фирма што ќе го дочисти остатокот од линданот во малата депонија. Се работи за дел од третиот, како и за четвртиот и петтиот базен, каде сè уште има опасен отпад.

Остануваат стотици тони опасен отпад

За целосна санација на локацијата преостануваат приближно 916 тони ХЦХ отпад.

Покрај тоа, треба да се отстранат и 2.191 тон контаминирана почва, 1.121 тон контаминиран бетон, како и околу 70 тони почва контаминирана со жива.

Досега се ископани речиси 2.000 тони линдан

Од почетокот на проектот во 2021 година, од малата депонија се ископани и уништени 1.969 тони линдан.

Дополнително, отстранети се и 586 тони контаминирана почва.

Сепак, на локацијата и натаму остануваат значителни количини опасен отпад, што треба да бидат опфатени со финалната фаза од санацијата.

Тендерот го објави УНОПС

Од Министерството за животна средина информираат дека во средината на мај Канцеларијата на Обединетите нации, УНОПС, објавила меѓународен тендер.

Тендерот е за избор на изведувач за финалната фаза од санацијата на делта ХЦХ депонијата во ОХИС.

„Рокот за доставување на понуди е 7 јули, по што ќе следи нивна евалуација согласно процедурите и критериумите на УНОПС. По завршување на тендерската постапка и потпишување на договорот, ќе започнат подготвителните активности на терен, а според тековната временска рамка, почетокот на санацијата се очекува во септември“, информираат од Министерството.

Треба да се реши и отпадот со жива

Компанијата што ќе биде избрана ќе треба да го дефинира и третманот за конечно отстранување на живата.

Живата била откриена во базените со линдан и е дел од некогашното работење на хемискиот капацитет.

Од Министерството посочуваат дека во моментов таа е безбедно спакувана и привремено складирана во еден од веќе исчистените базени на малата депонија.

Таму ќе остане додека не се донесе конечна одлука за нејзиниот понатамошен третман и конечно отстранување.

Големата депонија останува проблем

Во дворот на ОХИС, веднаш покрај малата депонија, се наоѓа и големата депонија со линдан.

Се претпоставува дека таму има околу 50.000 тони линдан.

Покрај овие две депонии, закопан линдан има и во месноста Пеленица кај Драчево. Таму, според податоците, има околу 40.000 тони чист ХЦХ и уште 6.500 тони мешан отпад, заедно со отпад од фабрика за стакло.

Ќе се истражува и големата депонија

Од Министерството велат дека во рамки на проектот „Национален фонд за животна средина“, кој го спроведува УНОПС во соработка со Генералниот секретаријат на Владата, се предвидени детални теренски истражувања на големата депонија.

„Целта на овие истражувања е да се добијат прецизни податоци за количините на HCH отпад и контаминирана почва што се наоѓаат на оваа локација. Добиените резултати ќе претставуваат основа за подготовка и планирање на идните активности за целосна санација на големата депонија“, велат од Министерството.

Отпадот е наследство од хемиската фабрика

Депониите со опасен отпад се резултат на работењето на погонот за линдан во ОХИС.

Погонот работел од 1964 до 1977 година, кога производството било прекинато од еколошки причини.

Во тој период биле произведени околу 2.800 тони линдан. Производството создало околу 25.000 тони неактивни изомери, кои несоодветно биле расфрлани.

Тие и денес претставуваат опасност за контаминација на воздухот, водите и почвата во Скопје.

Линданот е опасен за здравјето

Линданот и неговите изомери имаат сериозно влијание врз животната средина и здравјето на луѓето.

Меѓународната агенција за истражување на канцер го класифицира линданот како канцерогена супстанца од група 1.

Тој е перзистентна хемикалија, што значи дека долго време не се распаѓа во животната средина.

Бидејќи е испарлива супстанца, може да се расејува од контаминираната почва и да се содржи во ПМ-честичките.

Опасност за воздухот, водата и почвата

Изложеноста на линдан може да се случи преку консумирање контаминирана храна или преку вдишување воздух загаден со линдан.

Долготрајната изложеност со вдишување се поврзува со заболувања на црниот дроб и крвта.

Исто така, се поврзува и со нарушувања на нервниот, кардиоваскуларниот, имунолошкиот и репродуктивниот систем.

Процесот влегува во завршна фаза

Со новиот тендер, процесот за чистење на малата депонија во ОХИС влегува во завршна фаза.

Сепак, големата депонија во ОХИС и локацијата Пеленица кај Драчево остануваат голем еколошки предизвик за Скопје и за државата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!