Зимскиот базен во Штип се отвора на 29 декември, бесплатно пливање и нов спортски замав за градот
28/12/2025 12:10
Новоизградениот зимски базен во Штип официјално ќе биде пуштен во употреба на 29 декември, со што градот добива уште еден значаен спортско-рекреативен капацитет. Објектот се наоѓа во непосредна близина на новиот „Дино парк“, како и спортско-рекреативните центри „Суитлак“ и „Бриони“.
Првите капачи во зимскиот базен ќе бидат ученици од неколку основни училишта во Штип, по што ќе следи и професионална промоција на пливањето од страна на членовите на пливачките клубови, како дел од воведните активности за новиот објект.
🏊 Безбедноста во фокусот
Зимскиот базен беше јавно презентиран кон крајот на септември, на настан на кој присуствуваше и премиерот Христијан Мицкоски. Сепак, објектот не беше веднаш ставен во функција поради потребата од целосен технички прием, со оглед на комплексноста на системите за вода, прочистување и безбедност на капачите.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, истакна дека базенот ќе функционира со стручен кадар и под строги стандарди.
„Во почетокот зимскиот базен ќе работи со отворени врати, односно бесплатно за сите љубители на пливањето. Подоцна, поради очекуваниот голем интерес и од професионалци и од рекреативци, ќе се воведат правила за користење“, изјави Јорданов.
🏟 Нови спортски проекти во 2025 и 2026
Градоначалникот најави дека во новата година ќе започне и изградба на спортска сала за боречки спортови, за кои Штип традиционално важи како еден од централните градови во Македонија. Салата ќе се гради во населбата „8 Ноември“, во близина на ОУ „Тошо Арсов“, и ќе биде дел од поширокиот рекреативен комплекс „Еко парк“, покрај реката Брегалница.
Паралелно, ќе продолжат и инфраструктурните проекти, меѓу кои новата обиколница на влезот во Штип од правец на Скопје и Кочани, со нов мост кај бањата „Кежовица“, како и завршувањето на спортскиот центар „Џексон“ во централното градско подрачје, кој ќе добие нова конструкција и затворен покрив.
Според локалната самоуправа, овие проекти претставуваат дел од пошироката владина поддршка за развој на спортот, рекреацијата и урбаната инфраструктура, со цел подобар квалитет на живот за граѓаните.






