Русија и Сахил: Украина и Франција помагаат терористи
09/07/2026 11:31
Русија и земјите од Сахел со обвинувања кон Украина и Франција
Москва најави поголема безбедносна соработка со африканските сојузници
Русија, заедно со Мали, Нигер и Буркина Фасо, упати обвинувања кон Украина, Франција и, како што наведуваат, други странски актери, тврдејќи дека соработуваат со терористички групи кои дејствуваат во регионот Сахел.
Обвинувањата беа изнесени по состанокот во форматот Русија – Конфедерација Сахел, одржан на 8 јули во Нијамеј, по кој беше усвоена заедничка декларација.
Тврдат дека надворешни актери ја дестабилизираат регијата
Во документот, учесниците наведуваат дека се соочуваат со, како што тврдат, вооружена агресија, економски притисоци и информативни кампањи зад кои стојат надворешни фактори.
„Страните посочија на вклученост на надворешни актери во вооружена агресија, економски притисок и информативни кампањи против земјите од алијансата.“
Според заедничката изјава, целта на ваквите активности е слабеење на државните институции и нарушување на стабилноста во земјите од Сахел.
Русија најави дополнителна воена поддршка
Москва воедно ја повтори својата подготвеност да ја продолжи безбедносната соработка со Мали, Нигер и Буркина Фасо преку зајакнување на оперативните капацитети на нивните вооружени сили.
Во руската реакција се споменува и нападот од 19 јуни во Нигер, во кој, според нигерските власти, загинале 13 лица.
„Целта на напаѓачите била да ја поткопаат стабилноста на Сахел Конфедерацијата“, соопшти руското Министерство за надворешни работи.
Украина претходно ги отфрли обвинувањата
Односите меѓу Украина и дел од земјите од Сахел се влошија во август 2024 година, кога Мали и Нигер ги прекинаа дипломатските односи со Киев.
Причина за тоа беше изјава на претставник на украинската воена разузнавачка служба, која властите во двете африкански држави ја протолкуваа како признание за поддршка на бунтовничките сили што нападнаа малиски војници и припадници на приватната воена компанија „Вагнер“.
Украина тогаш ги отфрли обвинувањата и негираше каква било директна вмешаност во тие настани.





