MKinformer

your daily dose of news

Траоре предупредува: „Црна зима“ се приближува кон Африка, потребно е обединување на континентот

23/12/2025 23:48

Состојбата во Африка сè повеќе потсетува на сценариото на „Арапската пролет“, а африканските народи мора да се „разбудат“ за да ги избегнат тешките последици од таков развој, изјави претседателот на Транзицијата на Ибрахим Траоре на самитот на Конфедерацијата на државите од Сахел (АЕС). Неговиот говор беше емитуван на државната телевизија ORTM.

Траоре потсети дека „Арапската пролет“ длабоко ја промени геополитиката на арапскиот свет, често со катастрофални последици, нагласувајќи дека Африканците мора да разберат од каде потекнува ваквиот феномен и како да се заштитат од него.
„За жал, гледаме дека некои Африканци не се будат“, истакна тој.

Лидерот на Буркина Фасо предупреди дека кон Западна Африка се приближува таканаречена „Црна зима“, поттикната од дејствувањето на империјалистичките сили, која претставува закана за целиот континент. Според него, оваа опасност го загрозува панафриканизмот и суверенитетот на Африка, принудувајќи ги државите да се бранат и од терористички групи, но и од влијанието на поранешните колонијални метрополи.

Во таа насока, Траоре упати повик до африканските земји да се обединат и заеднички да се спротивстават на дестабилизирачките процеси.
„Мора да се обединиме и да се одбраниме. Сахел е веќе обединет и ќе остане таков. АЕС ќе се развива, дури и ако патот не е лесен. И ако мора да ја поминеме ‘зимата’ за да бидеме слободни и обединети, ќе ја поминеме“, порача тој.

Самитот на шефовите на држави на АЕС започна на 22 декември, а по неговото завршување се очекува лидерите на Мали, Буркина Фасо и Нигер да усвојат заедничко завршно соопштение и да изберат нов претседател на конфедерацијата. Во 2025 година, со АЕС претседаваше лидерот на Мали, Асими Гоита.

Алијансата на државите од Сахел беше формирана во 2023 година со цел зајакнување на колективната одбрана. Во јануари 2024 година, трите земји објавија повлекување од ECOWAS, наведувајќи дека организацијата не успеала да им помогне во борбата против тероризмот и обезбедувањето безбедност. Првиот самит на конфедерацијата се одржа во јули 2024 година, кога беше официјализирано создавањето на АЕС.

error: Содржината е заштитена од копирање !!