MKinformer

your daily dose of news

Собранието денеска ја почнува расправата за големата реконструкција на Владата

13/07/2026 11:26

Собранието денеска се очекува да ја започне 112. седница, на која пратениците треба да одлучуваат за разрешување и избор на повеќе членови на Владата.

Премиерот Христијан Мицкоски треба да ги образложи предложените кадровски промени, со кои се опфатени повеќе министерства.

Нови министри во правда и здравство

Според доставените предлози, Игор Филков од ЗНАМ треба да биде разрешен од функцијата министер за правда. За негов наследник е предложен Јетон Шасивари од коалицијата Вреди.

Промена се очекува и во Министерството за здравство. Азир Алиу треба да биде разрешен, а за нов министер е предложен досегашниот директор на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.

Актуелниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, треба да ја напушти Владата и да ја преземе директорската функција во Фондот за здравствено осигурување.

Стоилковиќ се сели во локална самоуправа

Иван Стоилковиќ треба да биде разрешен од функцијата министер за односи меѓу заедниците и да го преземе Министерството за локална самоуправа.

На неговото досегашно место е предложен Агон Ферати од коалицијата Вреди.

Промени се предвидени и во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Цветан Трипуновски треба да биде разрешен, а на негово место е предложен Борче Серафимовски од ЗНАМ.

Велковски предложен за министер за социјална политика

Фатмир Лимани треба да биде разрешен од функцијата министер за социјална политика, демографија и млади.

За нов министер во овој ресор е предложен Ѓоко Велковски од ВМРО-ДПМНЕ.

Зоран Љутков, пак, треба да биде разрешен од Министерството за култура и туризам. За негов наследник е предложен Седат Сулејмани од коалицијата Вреди.

За министер без ресор, на местото на Шабан Салиу, е предложен Ерџан Демир од ВМРО-ДПМНЕ.

Можно е Владата да добие уште еден министер

По договорот за соработка меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Демократската партија на Турците, во Собранието се очекува да биде доставен предлог за уште еден член на Владата.

Со договорот, владејачкото мнозинство доби поддршка од уште еден пратеник.

Мицкоски претходно најави и дека Владата повеќе нема да има посебен вицепремиер и министер задолжен за политики на добро владеење. Тие обврски треба да ги преземе лице од неговиот кабинет.

Изборот на новите заменици-министри, според најавите на премиерот, треба да се одржи во септември.

„Нова енергија за ново забрзување“

Реконструкцијата се спроведува на половина од мандатот на Владата предводена од Мицкоски.

По седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, премиерот изјави дека кадровските промени означуваат почеток на нова фаза во работата на Владата.

Според него, во следниот период фокусот ќе биде ставен врз поголема ефикасност, динамика и испорака на резултати за граѓаните.

Тој порача дека секој функционер мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на својата работа.

Според собранискиот Деловник, предлогот за разрешување член на Владата се разгледува на првата наредна седница. Собранието може да отвори претрес доколку тоа го побара пратеничка група или најмалку пет пратеници. Министерот за кого е предложено разрешување има право да се изјасни во траење до 15 минути.

error: Содржината е заштитена од копирање !!