Мицкоски ги потврди новите министри и промените
30/06/2026 23:01
Мицкоски: Реконструкцијата на Владата, нова енергија за нов импулс и забрзување на реформите
Премиерот ги потврди кадровските промени, Велковски во Социјална, Клековски во Здравство, Перински во ФЗО, Стоилковиќ во Локална, укинат ресорот за добро владеење
Нова фаза по две години работа
Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по седницата на Извршниот комитет на партијата, ги потврди кадровските промени во Владата, истакнувајќи дека реконструкцијата има за цел да внесе нова енергија и нов импулс за уште поинтензивна работа во претстојниот период.
„Оваа реконструкција на Владата означува почеток на нова фаза по изминати две години, од работата на оваа Влада, исполнети со сериозни предизвици, поставување темели, стабилизација на состојбите и реализација на крупни проекти. Сега следува период, во кој фокусот уште повеќе ќе биде ставен на ефикасноста, динамиката и испораката на резултати за граѓаните“, истакна Мицкоски.
Тој порача дека секој функционер мора да биде достапен, одговорен и целосно посветен на работата, нагласувајќи дека тоа останува принцип од кој нема отстапување.
„Граѓаните очекуваат темпо, дисциплина и резултати, а токму тоа ќе биде обврска на секој член на Владата“, додаде премиерот.
Нови министри од ВМРО-ДПМНЕ
Мицкоски детално ги образложи кадровските промени во ресорите што ги води ВМРО-ДПМНЕ:
„ВМРО-ДПМНЕ во продолжение од функционирањето на оваа Влада ќе го раководи ресорот Министерство за социјална политика, демографија и млади, и таму нов министер во ресорот социјална политика, демографија и млади ќе биде досегашниот заменик министер, а тоа е Ѓоко Велковски“.
„Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да го води ресорот здравство и таму нов министер ќе биде Сашо Клековски, досегашен директор на Фондот за здравствено осигурување. На негово место доаѓа досегашниот министер за локална самоуправа, Златко Перински, а нов министер за локална самоуправа ќе биде Иван Стоилковиќ“.
За нов министер без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите, е назначен Ерџан Демир, дипломиран економист кој досега беше претседател на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Шуто Оризари.
Влен и ЗНАМ ги добиваат своите ресори
Мицкоски потврди дека политичката партија ВРЕДИ (Влен) ќе номинира нови министри во Министерството за правда, Култура и туризам и Министерството за односи меѓу заедниците.
ЗНАМ, пак, ќе номинира свој кандидат во Министерството за земјоделство, водостопанство и шумарство.
Укинат ресорот за добро владеење
Една од структурните промени што ги најави Мицкоски е укинувањето на ресорот за добро владеење, односно позицијата потпретседател во Владата задолжен за оваа област.
„Ресорот за добро владеење ќе биде директно под ингеренции на кабинетот на премиерот. Ние веќе имаме секретар, којшто ја следи работата на Владата и реализацијата на програмата, сега ќе имаме и секретар од кабинетот којшто ќе биде задолжен за добро владеење“, нагласи Мицкоски.
Тој информираше и дека пред почетокот на седницата на ИК, била постигната согласност со Демократската партија на Турците за нејзино учество во коалицијата и во Владата со еден претставник, министер без портфолио.
Владата го задржува истиот број ресори, но со двајца потпретседатели помалку во однос на изминатиот двогодишен период.
Партиски промени, нови претседатели на општински комитети
Мицкоски објави и партиски решенија за нови претседатели на три општински комитети:
-
ОК Кичево, Дејан Пандилевски (досегашниот претседател Лазе Јакимоски останува заменик-министер во Министерството за јавна администрација);
-
ОК Битола, Горан Исков, директор на АД ЕСМ Молика;
-
ОК Прилеп, Христијан Тунески, млад, харизматичен и надежен кадар, како што го опиша Мицкоски.
Досегашниот претседател на ОК Прилеп и актуелен градоначалник на Општина Прилеп, Дејан Проданоски, ќе биде предложен за нов член на Извршниот комитет на партијата.
Со овие промени, како што рече Мицкоски, се затвора целокупната структура на општинските комитети.
Нови раководители на Унијата на млади сили и Унијата на жени
За нов претседател на Унијата на млади сили е избран Тодор Конески, а за нова претседателка на Унијата на жени е избрана Марија Митева, досегашен портпарол на Владата.
Нова енергија, ново забрзување
Мицкоски порача дека сите овие промени, и во рамките на партијата и во рамките на Владата, имаат за цел да внесат нова енергија и да додадат вредност во квалитетот на работењето.
„Новата енергија е нов импулс за уште повеќе работа, новата енергија е ново забрзување, забрзување на реформите, забрзување на економијата, забрзување на капиталните инвестиции и забрзување на промените што граѓаните ги очекуваат и заслужуваат“, заклучи премиерот.





