MKinformer

your daily dose of news

Франција и Шпанија вечерва ја отвораат битката за финалето на Светското првенство

14/07/2026 9:08

Разврската во битката за светската фудбалска титула почнува вечерва во 21 часот, кога Франција и Шпанија ќе се соочат во првото полуфинале на Светското првенство.

Натпреварот ќе се одигра на стадионот во Далас, а победникот ќе обезбеди место во големото финале закажано за в недела.

Само една мундијалска пресметка меѓу двете селекции

Франција и Шпанија досега одиграле само еден меѓусебен натпревар на светските првенства.

Тоа се случи во осминафиналето на Мундијалот во Германија во 2006 година. Шпанија поведе преку Давид Виља, но Франција направи пресврт и славеше со 3:1.

Стрелци за Французите тогаш беа Франк Рибери, Патрик Виера и Зинедин Зидан.

Последните две меѓусебни пресметки, сепак, ѝ припаднаа на Шпанија. „Црвената фурија“ ја победи Франција во полуфиналето на Европското првенство во 2024 година, а потоа и во завршницата на Лигата на нации во 2025 година.

Франција атакува на петтото мундијалско финале

Франција досега четирипати играла во финале на светските првенства, а вечерва ќе се обиде да стигне до својата петта борба за титулата.

Французите беа светски шампиони во 1998 и во 2018 година. Во финалето во 1998 година го победија Бразил со 3:0, додека две децении подоцна ја совладаа Хрватска со 4:2.

Франција играше во финалето и во 2006 година, кога загуби од Италија по изведување пенали. Во 2022 година беше поразена од Аргентина, исто така по пенал-серија.

Актуелниот светски вицешампион сега има можност третпат по ред да се пласира во мундијалското финале.

Шпанија ја брка втората светска титула

Шпанија досега само еднаш играла во финале на Светското првенство и успеала да ја освои титулата.

Во 2010 година, Шпанците ја победија Холандија со 1:0 по продолженијата, со голот на Андрес Иниеста.

Актуелниот европски првак вечерва ќе се обиде вторпат во својата историја да обезбеди пласман во мундијалското финале.

Аргентина и Англија во второто полуфинале

Вториот финалист ќе биде познат утревечер. Англија и бранителот на титулата Аргентина ќе се соочат во Атланта, исто така со почеток во 21 часот по македонско време.

Големото финале ќе се одигра в недела, на 19 јули, на стадионот „Њујорк–Њу Џерси“, познат како „Метлајф“, со почеток во 21 часот по македонско време.

error: Содржината е заштитена од копирање !!