MKinformer

your daily dose of news

Норвешка светски шампион во драматичното финале, Германија жестоко се спротивстави

14/12/2025 22:47

Женската ракометна репрезентација на Норвешка ја оправда фаворитската улога и ја освои титулата светски шампион, но до златото стигна многу потешко од очекуваното, откако во финалето на Светското првенство во Холандија и Германија беше соочена со исклучително мотивираната селекција на Германија. Во возбудлив натпревар во Ротердам, Норвешка победи со 23-20 и ја освои својата петта светска круна.

Иако на хартија беа аутсајдери, Германките одиграа храбро и дисциплинирано, држејќи го фаворитот под силен притисок речиси до самиот крај. За Германија, ова беше прво финале на големо натпреварување по далечната 1994 година, а освоениот сребрен медал е нивен прв медал од светски или европски шампионат по 2007 година.

Германија го започна мечот агресивно и изненадувачки поведе со два разлика, со одлична одбрана која успешно ја лимитираше најголемата норвешка ѕвезда Нора Мерк. Сепак, избраничките на Оле Еревик постепено ја вратија контролата и пред паузата го израмнија резултатот на 11-11.

Во второто полувреме, и покрај физичката предност и поголемото искуство на Норвешка, натпреварот остана неизвесен. Клучниот момент се случи при резултат 20-19, кога Германија пропушти можност за израмнување, а Норвешка веднаш го казни тоа, се одлепи на плус три и ја потврди шампионската победа.

Со оваа титула, Норвешка ги обедини олимпиското, европското и светското злато, потврдувајќи ја својата апсолутна доминација во женскиот ракомет.

⭐ Реистад повторно МВП

Најдобри стрелци за Норвешка во финалето беа Хени Реистад и Тале Деила со по пет погодоци, додека кај Германија најпрецизни беа Гријселс, Лојхтер и Фогел со по четири гола.

ИХФ го објави Ол-стар тимот на турнирот, во кој доминираат финалистите. Апсолутна хероина на шампионатот беше Хени Реистад, која по вторпат по ред ја освои МВП наградата и воедно беше најдобар стрелец на турнирот со 55 голови.

Во идеалниот тим се најде и легендарната голманка Катрине Лунде, со што симболично го заокружи својот последен настап на светските првенства. Германија имаше две претставнички: Емили Фогел и Антје Дол.

Во натпреварот за бронзениот медал, Франција славеше по продолженија против Холандија со 33-31.

error: Содржината е заштитена од копирање !!