Македонија влегува во Вертикалниот европски гасен коридор
15/07/2026 10:55
Македонија се приклучува на Вертикалниот гасен коридор
Номагас го направи првиот чекор кон вклучување на земјата во регионалната енергетска иницијатива
Македонија официјално започнува процес на приклучување кон европскиот Вертикален гасен коридор, иницијатива што ги поврзува енергетските системи на Југоисточна и Централна Европа, како и земјите од Западен Балкан.
Првиот чекор во тој процес беше учеството на Номагас на состанокот на операторите на системите за пренос на природен гас, кој се одржа на 10 јули во Атина. Со ова, Западен Балкан се вклучува во натамошниот развој на иницијативата.
Регионална соработка за поголема енергетска сигурност
На работните разговори учествувале операторите DESFA (Грција), Bulgartransgaz (Бугарија), Transgaz (Романија), Vestmoldtransgaz (Молдавија), FGSZ (Унгарија), EUSTREAM (Словачка), Transportgas Srbija, GTSOU (Украина), како и независните оператори Gastrade и ICGB.
Од Номагас информираат дека следната фаза ќе биде насочена кон анализа на расположливите капацитети на поврзаните системи, интерконекциските точки, планираните инфраструктурни проекти и роковите за нивна реализација.
Ќе се формира заедничка работна група
Од компанијата соопштија дека операторите постигнале договор за формирање техничка и комерцијална работна група која ќе го координира процесот на проширување.
„За таа цел, учесниците се договорија да формираат заедничка техничка и комерцијална работна група, која ќе ја координира техничката процена на проширувањето и ќе ја подготви измената и проширувањето на Меморандумот за разбирање“, соопштија од Номагас.
Оттаму оценуваат дека со овој чекор процесот преминува од фаза на координација кон конкретни подготовки за реализација.
Коридорот не е еден гасовод, туку регионална мрежа
Операторите ја потврдија заложбата за продолжување на техничката и оперативната координација со цел проширувањето да се реализира навремено и да се зајакне улогата на Вертикалниот коридор како сигурна енергетска врска за регионот.
„Вертикалниот коридор се развива во интегрирана регионална платформа за енергетска соработка, а не претставува еден посебен гасовод.“
Иницијативата ги поврзува постојните и идните национални гасоводни системи, интерконектори, терминали и прекугранични точки, со цел да се подобри сигурноста на снабдувањето, да се диверзифицираат изворите на природен гас и да се зајакне интеграцијата на регионалниот пазар.
Клучни ќе бидат интерконекторите со Грција и Србија
За Македонија, приклучувањето кон Вертикалниот коридор е тесно поврзано со изградбата на гасниот интерконектор со Грција и подготовките за поврзување со Србија.
Со реализацијата на овие проекти, земјата ќе добие пристап до повеќе извори и транспортни правци за природен гас, што треба да ја намали зависноста од една влезна точка и да ја зголеми енергетската безбедност.






