ЦУК: Спасени три деца од реката Треска
15/07/2026 18:55
Драма на Треска: Спасени три деца од давење
Надојдената вода по зголемен испуст од браната „Матка“ ги однела низводно, сите се извлечени живи
Три лица, меѓу кои двајца 15-годишници и едно 18-годишно лице, биле спасени откако надојдената вода од реката Треска ги однела низводно, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Според информациите, инцидентот се случил додека трите лица се капеле во реката, а нивото на водата нагло се зголемило поради зголемен испуст од браната „Матка“ за потребите на производство на електрична енергија.
Брза акција на спасувачките служби
Од ЦУК соопштија дека преку Единствениот број за итни повици 112 веднаш била примена пријава за несреќата, по што започнала координирана спасувачка акција.
„Едното малолетно лице веднаш беше извлечено од водата, додека другите две лица беа пронајдени низводно по течението на реката Треска. Сите три лица се спасени, живи се и немаат видливи повреди“, информираат од ЦУК.
Во акцијата учествувале повеќе институции
По добиената пријава, ЦУК побарал итно ангажирање на Министерството за внатрешни работи, Дирекцијата за заштита и спасување, Општина Сарај, ХЕЦ „Матка“, Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и Итната медицинска помош.
На местото на настанот пристигнал и директорот на ЦУК, Али Мухамет, кој ја следел и координирал интервенцијата.
Во спасувањето учествувале пожарникари, полициски службеници, екипа на Итната медицинска помош и жители на Општина Сарај.
Апел за внимателност покрај реките
Од Центарот за управување со кризи упатија апел до граѓаните да бидат особено претпазливи при престој покрај реки и езера, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти.
„Центарот за управување со кризи апелира до граѓаните да бидат особено внимателни при престој покрај реките и езерата, особено во близина на брани и хидроенергетски објекти, каде што нивото и брзината на водата можат нагло да се променат поради контролирани испусти.“





