ВО АТЕНТАТ УБИЕН ВОДЕЧКИОТ ИРАНСКИ НУКЛЕАРЕН НАУЧНИК МОХСЕН ФАХРИЗАДЕХ
27/11/2020 20:22Во близина на Техеран е убиен водечкиот ирански нуклеарен научник Мохсен Фахризадех, потврди министерството за одбрана. Иранската влада го опиша убиството како терористички чин.
Западните разузнавачки агенции го сметаа Фахризадех за лидер на прикриената иранска нуклеарна програма.
„Доколку Иран некогаш избере да развие нуклеарно оружје, Фахризадех ќе биде познат како татко на иранските бомби“, изјави еден западен дипломат во 2014 година.
Меѓу 2010 и 2012 година, четворица ирански нуклеарни научници беа убиени во серија атентати, за што Иран го обвинуваше Израел.
„Вооружени терористи го нападнаа возилото во кое беше Фахризадех, шефот на нашата организација за иновации и истражување. Во судирот на терористите со неговите телохранители, Фахризадех беше тешко ранет и превезен во болница, каде што почина“, објави министерството за одбрана.
Фахризадех важеше за најпознат ирански нуклеарен научник и висок офицер на Иранската револуционерна гарда. Според израелски извештај од 2018, тој водеше програма за креирање на нуклеарно оружје.






