Уставниот совет на Франција ја прогласи за уставна здравствената пропусница
05/08/2021 21:18Уставниот совет на Франција денеска го одобри, иако со некои резерви, новото законодавство за борба против пандемијата на коронавирус, пренесе Ројтерс.
Советот одлучи дека новиот закон, кој бара од луѓето да поднесат здравствена дозвола за посета на ресторани, барови и некои други места и ги обврзува здравствените работници да се вакцинираат против КОВИД-19, во голема мера е во согласност со уставот.
Сепак, тој го опиша како неуставно отпуштањето на работниците поради одбивање да се вакцинираат, како и потребата од задолжителен карантин со проверки на луѓе кои се позитивни на вирусот. „Советот признава дека предвидените мерки може да ги ограничат личните слободи, но тие се оправдани во однос на заштитата на здравјето предвидена со уставот“, се вели во пресудата.
Во јули, законот беше предложен од владата и усвоен од парламентот. Сепак, некои парламентарци го повикаа Уставниот совет да ги процени мерките во однос на основните права и слободи.






