Швајцарија забрани носење бурки, казни од околу 1 000 евра
02/01/2025 12:46
Вчера во Швајцарија стапи на сила законот за забрана за покривање на лицето на јавни места, познат како „забрана за бурка“, а неговото прекршување може да се казни со парична казна до 1 000 швајцарски франци или 1 064 евра, објави Свисинфо.
Иницијативата против носење бурки беше одобрена од 51,2 отсто од швајцарските гласачи во март 2021 година. Исклучоците од законот вклучуваат покривање на лицето од безбедносни, временски или здравствени причини, а исто така ќе биде дозволено за уметнички, забавни или промотивни цели.
Зголемување на пензиите
Од 1 јануари пензиите во Швајцарија се зголемени за 2,9% за да одговараат на растечките цени и трендовите на платите.
Така минималната државна пензија се зголеми од 1 225 швајцарски франци (1 306 евра) на 1 260 швајцарски франци (1 343 евра) месечно, додека максималната пензија се зголеми од 2 450 швајцарски франци (2 613 евра) на 2 520 швајцарски франци (2 687 евра). Истовремено ќе се усогласат придонесите, дополнителните надоместоци, преодните и задолжителните професионални бенефиции.
Швајцарската влада генерално проверува на секои две години дали пензиите треба да се приспособат во согласност со трошоците за живот. Последен пат пензиите беа усогласени во 2023 година, кога минималната старосна пензија беше утврдена на 1 225 швајцарски франци (1 306 евра).





