Секој четврти граѓанин верува дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ, 68 отсто од младите иднината ја гледаат во странство
14/12/2025 11:27
Речиси една четвртина од граѓаните на Северна Македонија, односно 25 проценти, сметаат дека земјата никогаш нема да стане членка на Европската Унија, покажуваат резултатите од најновото истражување „Балкански барометар 2025“, спроведено од Советот за регионална соработка (РЦЦ).
Истражувањето открива поделени очекувања околу евентуалниот датум на пристапување. Околу 21 отсто од испитаниците веруваат дека членството би можело да се случи до 2035 година, 15 проценти очекуваат влез уште до 2030, додека 11 отсто го поместуваат оптимизмот до 2040 година. Дополнителни 11 проценти сметаат дека пристапувањето ќе се случи по 2040 година, а 13 отсто немаат став или не дале одговор.
И покрај изразениот песимизам за временската рамка, поддршката за членство во ЕУ останува стабилна и висока, најмногу поради економските очекувања. Дури 62 проценти од македонските граѓани веруваат дека членството би имало позитивен ефект врз економијата. За 27 отсто тоа не би било ниту добро ниту лошо, додека само 9 проценти сметаат дека би имало негативни последици.
На регионално ниво, поддршката за европската интеграција на Западен Балкан пораснала на 64 проценти, што е значително зголемување во однос на 54 проценти во 2024 година. Најголем ентузијазам за членство е забележан во Албанија (86 отсто) и Косово (78 отсто). Истовремено, се намалува бројот на граѓани кои сметаат дека проширувањето на ЕУ „никогаш нема да се случи“, а расте оптимизмот за периодот до 2030 и 2035 година.
Особено загрижувачки се податоците поврзани со младите. Во целиот регион на Западен Балкан, 68 проценти од младата популација изразуваат подготвеност да заминат во странство – половина од нив трајно, а другата половина привремено. Само 29 проценти од младите сакаат да останат во својата земја, за разлика од општата популација, каде 59 проценти се изјасниле дека би останале дома.
Како најголеми проблеми со кои се соочуваат граѓаните во 2025 година се издвојуваат растот на цените и инфлацијата (66 отсто), влошената економска состојба (44 отсто) и корупцијата (35 отсто). Недовербата поради историски спорови (38 отсто) и националистичките политики (37 отсто) се наведуваат како главни кочници за регионалната соработка.
Истражувањето „Балкански барометар“ традиционално се спроведува еднаш годишно и се базира на директни интервјуа со граѓани, реализирани во периодот од 21 мај до 30 јуни 2025 година во сите шест економии од Западен Балкан.






