Времето денеска: Променливо облачно со локални врнежи и грмежи
13/03/2025 9:09
Денеска времето ќе биде променливо облачно, со локални врнежи од дожд и грмежи. Интензивноста на процесите ќе биде најголема претпладне во источните делови, каде ќе се очекуваат услови за невреме. На овие места ќе има пообилен пороен дожд (до 20 л/м²), силен ветер (над 60 km/h) и можност за изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 7 до 13 степени, додека максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје, времето ќе биде променливо облачно со умерен до засилен јужен ветер. Претпладне ќе има пороен дожд и грмежи, додека попладне облачноста ќе се намали. Минималната температура во главниот град ќе биде 12 степени, а максималната 24 степени.
Според УХМР, во петок и сабота се очекува преодно стабилизирање на времето, додека во недела и понеделник на повеќе места ќе има нестабилни временски услови, со локален пороен дожд и грмежи. Ветерот ќе се смени во северен правец, што ќе доведе до опаѓање на дневните температури за 7 до 10 степени.





