Жителите на Волково бараат итна санација на раскопаната улица: „Ако нема реакција – следуваат протести“
22/04/2025 9:07Жителите на скопската населба Волково остро реагираат на катастрофалната состојба на главната улица во нивната населба, која, како што велат, повеќе од девет месеци е оставена раскопана и небезбедна. Тие преку иницијатива јавно ја алармираат јавноста и ги повикуваат надлежните институции на итна интервенција.
„Бараме итно асфалтирање на улицата и преземање конкретни мерки од страна на Општина Ѓорче Петров, Градот Скопје, Министерството за транспорт и врски, пратениците и советниците. Улицата беше раскопана пред речиси една година, а досега не е завршено ништо. Со право прашуваме: зошто се брзаше со раскопување, ако не беа обезбедени средства и план за нејзино целосно санирање?“ – се наведува во реакцијата.
Жителите потенцираат дека улицата не само што претставува секојдневен извор на проблеми и материјални штети, туку е и сериозна закана за безбедноста на сите учесници во сообраќајот, особено за децата и возрасните.
„Не постојат добри партии – постојат добри луѓе. А добрите луѓе мора конечно да престанат да молчат,“ порачуваат од иницијативата.
Одолговлекувањето на решавањето на овој проблем, според нив, е само уште еден доказ за урбаниот хаос и запоставеноста со кои се соочува населбата. Тие предупредуваат дека, доколку институциите не реагираат веднаш, ќе следуваат радикални чекори: организирање протести, блокади, граѓанска непослушност, па дури и покренување постапки за кривична одговорност против надлежните кои, како што велат, свесно го игнорираат проблемот.
„Решете го проблемот – сега!“ – е пораката на Волковчани, кои веќе го подготвуваат следниот чекор доколку не се случи промена.







