MKinformer

your daily dose of news

СРЕДБА МУЦУНСКИ-РУБИО: НИЕ БАРАМЕ ИНВЕСТИЦИИ, ТИЕ 5% ЗА БУЏЕТОТ НА НАТО

30/05/2025 6:05

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, оствари средба во Вашингтон со американскиот државен секретар Марко Рубио, на која главна тема беа економската соработка и безбедносните предизвици во рамките на НАТО.

Според соопштението на портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, двајцата функционери разговарале за можностите за продлабочување на трговските врски меѓу двете земји, со фокус на намалување на царинските давачки и потенцијалниот почеток на процес за потпишување договор за слободна трговија.

Рубио, како што се наведува, ја нагласил потребата НАТО-сојузниците да го зголемат буџетот за одбрана на 5% од БДП, ставајќи акцент на колективната безбедност и стабилност.

Од македонското МНР информираа дека на средбата било истакнато зголеменото внимание што Македонија го посветува на унапредувањето на политичкиот дијалог со САД и на јакнењето на стратешкото партнерство преку заеднички акциски план. Муцунски, во тој контекст, изразил подготвеност за дополнително отворање на македонската економија за американски инвестиции, како и иницијативи за олеснување на трговијата.

Во разговорите биле отворени и теми поврзани со безбедносната соработка во рамки на НАТО, при што било потенцирано дека Македонија веќе вложува над 2% од БДП во одбраната, потврдувајќи го својот кредибилен статус во алијансата. Особено било нагласено значењето на стабилноста и напредокот на Западен Балкан.

Муцунски се заблагодарил за континуираната поддршка од САД и изразил уверување дека билатералната соработка ќе се продлабочува во сите клучни области – економија, безбедност и регионален развој.

error: Содржината е заштитена од копирање !!