Извештај на Стејт департментот за Западен Балкан: Ерата на градење нации предводена од САД помина
24/05/2026 22:53
Соединетите Американски Држави ја менуваат својата политика кон Западен Балкан и се оддалечуваат од моделот на градење држави и интервенционизам, покажува извештајот на Стејт департментот до Конгресот за односите со регионот.
Во документот се наведува дека новиот пристап на Вашингтон е насочен кон стабилност, заемно корисни партнерства и економска и трговска соработка, наместо кон долгорочен меѓународен надзор и директна интервенција.
„Ерата на градење нации предводена од САД помина“, се наведува во извештајот, во кој се посочува дека американската политика во Западен Балкан сега е насочена кон зајакнување на локалните актери сами да се справуваат со сопствените предизвици.
Стабилноста останува прв приоритет
Во извештајот, Стејт департментот ја издвојува стабилноста како главен столб на американската политика во регионот. САД нагласуваат дека сакаат позитивни односи со сите шест земји од Западен Балкан, а за 2026 година планираат дијалози и со Македонија и со Србија.
Вашингтон наведува дека нерешените спорови и старите поделби и натаму ја поткопуваат стабилноста, па затоа останува ангажиран и во прашањата поврзани со Босна и Херцеговина, како и со односите меѓу Србија и Косово.
Во делот за безбедноста, извештајот посочува дека интеграцијата на Македонија, Албанија и Црна Гора во НАТО ја зајакнала Алијансата, а САД ќе продолжат да ги охрабруваат земјите од регионот да ги модернизираат армиите и да ги исполнуваат целите на НАТО.
Посилен акцент на трговија и инвестиции
Вториот столб на новата американска политика е економската и трговската соработка. Според извештајот, регионот нуди значителни можности поради својата географска позиција, природните ресурси, технолошкиот сектор и квалификуваната работна сила.
Стејт департментот наведува дека администрацијата работи на елиминирање на бариерите за американските компании, а Канцеларијата на американскиот трговски претставник веќе преговара за договори за реципрочна трговија со Македонија и Србија. Во документот се посочува и дека февруарскиот рамковен договор со Македонија треба да им овозможи на американските извозници невиден пристап до македонскиот пазар.
Посебен акцент е ставен и на инфраструктурните и енергетските проекти. САД гледаат простор за вклучување на американски компании во транспортни, дигитални и енергетски проекти во регионот, вклучително и во Македонија. Во извештајот меѓу приоритетите е наведен и предложениот гасен интерконектор Србија–Македонија, како и хидроенергетски проекти.
Русија и Кина означени како закана
Во извештајот се наведува дека Русија и Кина активно се обидуваат да ја искористат нестабилноста, корупцијата и слабите институции во Западен Балкан. Според Стејт департментот, Москва поттикнува етнички поделби и користи енергетски притисок, додека Пекинг го шири влијанието преку заеми, трговија, пропаганда и партнерства со елитите.
Американската администрација смета дека токму стабилноста, економскиот раст и посилната соработка со САД се најдобрата одбрана од ваквото малигно влијание.
Фокус и на организираниот криминал
Посебно место во документот има и борбата против организираниот криминал. Вашингтон предупредува дека криминалните мрежи од Западен Балкан претставуваат директна закана и за националната безбедност на САД, особено преку врските со нарко-картели и перење пари.
Во таа насока, САД најавуваат дека ќе продолжат да ги поддржуваат локалните институции во разбивањето на транснационалните криминални структури и во сузбивањето на нелегалните финансиски текови.
Со новиот извештај, Вашингтон испраќа порака дека Западен Балкан и натаму останува важен за американските интереси, но дека времето на класичен интервенционизам е заменето со политика на стабилност, партнерство и економски интерес.






