MKinformer

your daily dose of news

МНР со реакција на изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев

10/07/2025 18:45

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро реагираше на навредливите изјави што бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, ги упати кон македонскиот премиер и државните институции за време на гостувањето во утринската програма на телевизијата БТВ.

По тој повод, Министерството го повика на разговор амбасадорот на Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, кому му беше врачена официјална протестна нота. На средбата било посочено дека јавниот настап на бугарскиот министер е несоодветен и неприфатлив, особено кога станува збор за високи претставници на една суверена држава.

Според МНР, употребата на навредлив говор и потценувачки тон претставува сериозно кршење на темелните начела на меѓународното право и дипломатските норми. Ваквите изјави, наместо да помогнат во зајакнување на добрососедските односи, ја поткопуваат довербата и се спротивни на принципите на конструктивен дијалог и заемна почит.

Министерството очекува официјална Софија да изрази соодветно извинување, со цел да се зачува достоинствена и принципиелна билатерална комуникација меѓу двете земји.

error: Содржината е заштитена од копирање !!