На денешен ден 1903 година е издадена книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, еден од темелните документи на македонската национална мисла и јазична самобитност
25/12/2025 11:26
На 25 декември 1903 година, во Софија од печат излезе книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков – дело што денес се смета за еден од темелните документи на македонската национална мисла и јазична самобитност.
Во оваа книга, Мисирков јасно и аргументирано ја брани националната индивидуалност на македонскиот народ и неговото право на самостоен културен, јазичен и национален развој. Тој Македонците ги дефинира како посебен словенски народ со сопствена историја и култура, кој низ вековите ја делел судбината со соседните народи, но никогаш не ја изгубил својата посебност.
Делото претставува длабока политичка и општествена анализа на состојбите во Македонија по Илинденското востание, но истовремено и јасна програмска визија за иднината на македонскиот народ. Мисирков укажува на опасноста од асимилаторските политики на соседните држави и на нивните пропаганди, кои директно го негирале македонскиот јазик, култура и идентитет.
Посебно значајно е што Мисирков, цели десет години пред Балканските војни и Букурешкиот договор, предупредува на можноста од поделба на Македонија меѓу балканските држави. Како одговор на таа закана, тој предлага обединување на сите македонски општествени, интелектуални и револуционерни сили во заедничка борба за зачувување на целовитоста и националното ослободување на Македонија.
Во книгата се обработуваат и Мирцштегските реформи, кои Мисирков ги оценува како поповолна опција во тогашните историски околности, со цел да се намалат страдањата и масовните убиства врз македонското население, отколку непромислена револуционерна борба зад која стојат интереси на дел од соседните држави.
Македонскиот идентитет и „маската Бугари“
Во делото, Мисирков отворено зборува и за проблемот со идентитетската „маска“ под која дел од Македонците дејствувале во Бугарија, нагласувајќи дека тоа било прагматичен избор за добивање поддршка од бугарските власти, а не откажување од македонската национална свест. Овој став и денес е клучен во разбирањето на историските заблуди и манипулации поврзани со македонската историја.
Јазикот како темел на нацијата
Посебно поглавје во книгата е посветено на јазичното прашање. Во статијата „Неколку зборои за македонцкиот литературен јазик“, Мисирков за првпат научно и систематски го разработува проектот за кодификација на македонскиот литературен јазик. Тој ги утврдува централните македонски говори (Велес–Прилеп–Битола–Охрид) како основа на литературниот јазик, предлага фонетски правопис и збогатување на лексиката со елементи од сите македонски говори.
Мисирков јасно нагласува дека посебен македонски литературен јазик не е лингвистички каприц, туку суштински национален интерес и средство за отпор кон туѓите пропаганди. Неговите јазични принципи, иако во времето биле радикални, подоцна станале основа за современата кодификација на македонскиот јазик.
Делo со трајно значење
„За македонцките работи“ е повеќе од книга – тоа е политичка анализа, национална програма и визија за иднината на македонскиот народ. Напишана во време на силни притисоци и негирања, таа и денес останува еден од најјасните и најхрабрите документи за македонската национална и јазична самобитност.






