Владо Георгиев во Скопје: „Господски“ концерт во Јане Сандански
16/04/2026 16:29
„Господски“ во Скопје: Владо Георгиев на 24 април во салата „Јане Сандански“
Црногорскиот кантавтор Владо Георгиев на 24 април ќе одржи концерт во скопската сала „Јане Сандански“ во рамките на неговата турнеја „Господски“. Девет дена пред настанот, тој на прес-конференција спонтано и слободно зборуваше со новинарите за очекувањата, инспирацијата и зад сцената на неговото творештво.
Скопје заслужи голем концерт
„Често доаѓам во Македонија, но главно тоа беа помали свирки. Мислам дека Скопје заслужи во оваа турнеја ‘Господски’ да се одржи еден ваков голем концерт“, изјави Георгиев.
Тој најави дека на 24 април публиката ќе слушне комбинација од стари хитови, понови песни, но и сосема нов материјал.
Зошто „Господски“?
Објаснувајќи го името на турнејата, Георгиев порача:
„Турнејата се вика ‘Господски’ зашто сакам сите ние да останеме господа, да го задржиме господското и да не се расипеме како луѓе.“
Како се раѓаат песните, инспирација ноќе
Зборувајќи за креативниот процес, кантавторот откри дека инспирацијата најчесто доаѓа ноќе, но и дека лесно може да се изгуби.
„Ноќе пишувам додека сите спијат. Тогаш имам мир, никој не ме прекинува и емоциите се засилени. Кога ќе дојде инспирација, најмалку очекувате, но ако некој ве прекине, таа си оди и не се враќа“, рече Георгиев.
Анегдотата за изгубената песна
Смеејќи се, Владо раскажа и една анегдота за тоа како засекогаш изгубил идеја за песна:
„Во автомобилот добив идеја за песна, ми свиреше во главата и ми доаѓаше текст. Немав диктафон, немав ништо да запишам. Брзав да стасам во Херцег Нови каде што сум секое лето. Ме сретна жената кај која сум сместен и ме задржа. Ми зборуваше за сметките кои стасале, за луѓе кои прашувале за мене. И тоа траеше и траеше, и мене таа песна ми отиде, и никогаш повеќе не ми се врати.“
Изненадување на прес-конференцијата
На крајот на прес-конференцијата, една од новинарките го замоли Владо да им запее. Неговиот одговор беше: „Сакам ти да ми запееш!“
Се случи сите присутни, новинари и кантавторот, да ја запеат хит-песната „Анџеле“ заедно со него.
Што очекува публиката на 24 април?
Владо Георгиев вети дека концертот ќе биде вистинска прослава на музиката, емоциите и заедништвото.
„Се надевам дека на 24 ќе пееме и стари и понови хитови, и ќе чуете и нешто ново.“
Картите за концертот се во продажба, а според најавите, интересот е голем, Скопје се подготвува за една незаборавна вечер со црногорскиот музичар.
Пишува
Милева Лазова






