MKinformer

your daily dose of news

ТРОЈЦА МАЛОЛЕТНИ СТРАНСКИ ДРЖАВЈАНИ ФАТЕНИ СО ШИШИЊА БЕНЗИН, ПЕТАРДИ И ЗАПАЛКИ

10/07/2025 16:37

Како дел од засилените активности во врска со пожарите во Скопскиот регион, на 9 јули околу 23:40 часот, полицијата на подрачјето на ЕВР Гази Баба, во близина на месноста Ајватовски рид кај населбата Илинден, извршила преглед на три малолетни странски државјани. Во нивниот ранец биле пронајдени две шишиња по 1,5 литри бензин, две петарди, запалка и туба со течен лепак. Лицата веднаш биле приведени, а по службен разговор спроведен во присуство на дежурен тим од Центарот за социјални работи и адвокат, биле предадени на ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи.

Во текот на истиот ден, над 170 полицајци од различни полициски станици, како и повеќе од 80 припадници на криминалистичката полиција, биле директно вклучени во справување со пожарите на територијата на Скопје. Активностите се спроведувале под координација на Посебен оперативен штаб.

Вкупно се пријавени 28 пожари, од кои најмногу – седум – биле на подрачјето на ПС Ѓорче Петров, каде што изгореле сува трева, жито, три куќи и две помошни објекти. Во Гази Баба се евидентирани четири пожари, а по три пожари се забележани во Мирковци, Петровец и Шуто Оризари – каде што целосно изгорел простор со отпад. Во другите делови на градот, како Кисела Вода, Чаир, Аеродром, Драчево, Карпош и Сарај, биле регистрирани од еден до два пожари, главно со опожарена сува трева и нискостеблеста шума.

СВР Скопје продолжува со истраги за утврдување на причините за пожарите. Во случајот на пожарот во Аеродром, е утврдено дека настанал поради краток спој на електрични кабли предизвикан од силен ветер.

error: Содржината е заштитена од копирање !!