MKinformer

your daily dose of news

Скопје се гуши во чад: Пожарите на Дрисла и Скопска Црна Гора го задушија Градот

10/09/2025 1:24

Вечерва на територијата на земјава беа евидентирани вкупно 24 пожари на отворен простор. Од нив, четири сè уште се активни, два се ставени под контрола, а 18 се изгаснати.

Најалармантни се пожарите на депонијата Дрисла, која повторно е центар на внимание поради горењето на огромни количини ѓубре, и на Скопска Црна Гора, каде огнената стихија што започна во Општина Липково се прошири сè до Општина Гази Баба, односно речиси до самиот главен град. Овој фронт предизвикува особена загриженост бидејќи заканува да стигне до населени подрачја во околината на Скопје.

Од пожарите во Дрисла и на Скопска Црна Гора, градот Скопје е обвиен во густ чад. Граѓаните алармираат дека тешко дишат и се чувствува силна, неподнослива миризба што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот.

Освен овие 2, активни се уште 2 пожари: во село Татеши – Струшко, каде е зафатена борова шума и пожар во населбата Еленкамен, Општина Струга, каде што гори ниска вегетација.

Под контрола се пожарите во беровско, кај Дрџински рид, во месноста Стојковото и во селото Русиново каде гореа дабова и букова шума, како и на депонијата во селото Куклиш.

Во текот на денот беа изгаснати дури 18 пожари низ различни делови од државата – од Студеничани, Шуто Оризари и Сарај, преку Гази Баба, Бутел и Битола, па сè до Крушево, Струга, Кичево, Дебар, Кавадарци, Делчево, Старо Нагоричане, Тетово и Брвеница.

Иако голем дел од пожарите се ставени под контрола, вечерва вниманието е свртено кон Скопскиот регион. Горливите точки како Дрисла и Скопска Црна Гора уште еднаш ја отвораат темата за неподготвеноста на институциите и слабата превенција против вакви катастрофи што директно го загрозуваат здравјето и безбедноста на граѓаните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!