Жителите покрај новиот експресен пат ГРАДСКО-ФАРИШ стравуваат за своите животи
20/07/2025 16:34
На новиот експресен пат Градско – Фариш во изминатиот месец се случиле најмалку три сериозни сообраќајни несреќи, од кои едната завршила фатално. Загинато е едно лице, тешко повредено е дете, а уште еден возач се здобил со повреди. Дополнително, регистрирано е и излетување на шлепер, по што сообраќајот бил во прекин повеќе од пет часа.
Сѐ се случува во близина на населбата Стопанство, каде што локалните жители се чувствуваат небезбедно и бараат итна реакција од надлежните институции. Тие предупредуваат дека вистинскиот број на несреќи е многу поголем од официјално пријавените и дека ситуацијата е алармантна.
„Ова не се три изолирани случаи. Има најмалку десетина излетувања, но не се евидентирани бидејќи нема тешки повреди. Најстрашно е што возилата завршуваат во нашите дворови. Стравуваме да легнеме навечер, не знаеме дали ќе се разбудиме“, велат загрижените жители.
Според нив, проблемот не е нов и за него предупредувале уште во фазата на изградба. Тврдат дека укажале на опасниот свиок и пред изведувачот „Штрабаг“, и пред претставници на Министерството за транспорт и врски, но нивните реакции биле игнорирани.
„Уште кога се градеше патот алармиравме, но никој не нѐ послуша. Сега, повторно се обраќаме до градоначалникот на Градско и до другите институции. Последната несреќа беше пред само една недела, во недела напладне. Автомобил падна во двор, а нашите деца беа сведоци на сцена што нема да ја заборават – како повредено дете се бори за живот“, додаваат тие.
Жителите дополнуваат дека заштитната ограда е оштетена и практично не постои никаква физичка бариера меѓу патот и нивните домови. Поради, како што велат, игнорантскиот однос на институциите, размислуваат да организираат блокада на патот.
„Немаме друг избор. Ќе го блокираме патот ако не се преземат мерки. Не бараме ништо повеќе од тоа – да бидеме безбедни во сопствените домови“, порачуваат тие.
Од надлежните сè уште нема официјален одговор за најавените протести и безбедносните недостатоци на новоизградениот експресен пат.






