MKinformer

your daily dose of news

Од струмичко изнесени 18 тони марихуана, вкупно над 27 тони во големата акција

07/02/2026 12:31

По два дена интензивна полициска акција, утрово од локацијата во струмичкиот регион каде што се вршеше претрес и заплена, излегоа вкупно 190 возила натоварени со одземената дрога. Според информации на МК Информер, од теренот заминале четири комбиња, еден мини-камион, пет камиони, осум патнички возила и еден шлепер, со што неофицијално е заокружена заплената на околу 18 тони марихуана само од оваа локација.

За разлика од претходната акција во Скопје, во струмичко за првпат бил ангажиран и шлепер, што укажува на обемот и сериозната логистика на криминалната операција. Според сознанијата, оваа локација претставува вториот клучен крак на истрагата што ја водат Министерството за внатрешни работи и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Засега институциите не откриваат детали за акцијата. Во јавноста нема официјални информации за осомничени лица или конкретни кривични дела. На ниво на шпекулации се појавуваат тврдења дека марихуаната е запленета поради производство над дозволените количини за медицински цели, но ова не е потврдено од надлежните органи.

Претходно, од кругот на поранешниот хемиски комбинат ОХИС во Скопје, каде што е регистрирано седиштето на Алфафарм ДОО Скопје, биле изнесени околу девет тони марихуана. На таа локација, покрај полициските и обвинителските екипи, биле присутни и медицински служби, како и возила на Царинската управа.

Со струмичката заплена, вкупната количина одземена марихуана достигнува околу 27 тони, што претставува најголема конфискација на наркотична дрога во Македонија за која досега има информации во јавноста.

Акцијата следува по неодамнешната заплена на пет тони марихуана во Србија, за која тамошните власти соопштија дека потекнува од Македонија и била наменета за српскиот пазар. Во тој предмет, според српските институции, се осомничени најмалку пет лица, од кои дел сè уште се недостапни за органите на прогонот.

Од МВР и Обвинителството најавуваат дека јавноста ќе биде официјално информирана по целосното завршување на акцијата и комплетирањето на истражната постапка, кога се очекува да бидат соопштени и евентуалните осомничени и кривичните дела.

error: Содржината е заштитена од копирање !!