АЛБАНИЈА ГО ОТВОРИ ПОСЛЕДНОТО ПРЕГОВАРЧКО ПОГЛАВЈЕ СО ЕВРОПСКАТА УНИЈА
24/07/2025 10:26
Албанија доби официјално одобрение од Европската Унија за отворање на последното преговарачко поглавје, што ги опфаќа земјоделството и кохезионата политика. Ова го соопшти премиерот Еди Рама, кој ја поздрави одлуката како уште еден значаен чекор на патот кон полноправно членство во ЕУ.
„Албанија не запира. Денес, на 23 јули 2025 година, по континуиран и динамичен напредок во пристапните преговори, Комитетот на постојани претставници на ЕУ ги овласти данските власти да ја поканат Албанија да ја претстави својата преговарачка позиција за поглавјата од групата 5: ‘Ресурси, земјоделство и кохезија’“, објави Рама на социјалните мрежи.
Албанската влада сега треба да ја подготви својата преговарачка платформа и да ја достави до данското претседателство, кое во моментов раководи со Советот на ЕУ.
Поддршка пристигна и од претседателката на албанскиот парламент, Елиса Спиропали, која истакна дека законодавниот дом целосно ќе ги поддржи подготовките и реформите во земјоделството, руралниот развој и територијалната кохезија. Таа најави и засилена активност на парламентарната дипломатија со цел реализација на стратешката цел – членство на Албанија во ЕУ до 2030 година.




