Нестабилно време со пороен дожд и грмежи, утре стабилизација и потопло
18/08/2025 7:53
Времето во Македонија денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно. На повеќе места ќе има локални врнежи од пороен дожд проследени со грмежи, а наместа се очекува поинтензивна нестабилност со над 15 литри дожд на квадратен метар, засилен ветер и можност за краткотрајно невреме со појава на град. Максималните дневни температури ќе се движат од 20 до 32 степени Целзиусови.
Во Скопје времето ќе биде слично – променливо облачно и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Делови од котлината може да бидат зафатени од краткотрајно невреме со силен ветер и изолирана појава на град. Максималната дневна температура во главниот град ќе достигне до 30 степени.
Според прогнозата, утре времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Дневните температури ќе се искачат до 34 степени, а во попладневните часови ќе има услови за изолирана нестабилност со краткотраен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен северен ветер.






