Амар Мециновиќ: Време е Скопје да се деблокира и да се работи за граѓаните
31/08/2025 20:10
Кандидатот за градоначалник на Скопје од редовите на Левица, пратеникот Амар Мециновиќ, во гостување на „Слободен Печат ТВ“ упати силна порака до јавноста, дека на главниот град му е потребна вистинска промена и ослободување од блокадите што го кочеле последните години.
Тој истакна дека постои политичка партија која свесно го блокирала функционирањето на Советот на Град Скопје, со што се спречила набавка на нови автобуси и решавање на клучните проблеми на граѓаните. „Советниците, кои требаше да работат за интересите на Скопјани, беа наградени со пратенички и министерски позиции, директори на институции и дури шеф на кабинет на премиеро“, посочи Мециновиќ.
„Тоа е составата која го блокираше градот три години и беше наградена. Ние живееме лошо затоа што некому тоа му одговара“, додаде тој, потенцирајќи дека заедно со градоначалничката повеќе од 20 пати повикувале да се овозможи набавка на автобуси, но без успех поради политички интереси.
Мециновиќ порача дека иднината на Скопје зависи од деблокирање на институциите и насочување на енергијата кон реални решенија. „Граѓаните заслужуваат модерен град, со уреден јавен превоз и функционални институции. Скопје треба да се движи напред“, заклучи кандидатот за градоначалник.






