Македонија над европскиот просек по број на автобуси, но далеку од ЕУ по електричен возен парк
17/12/2025 10:01
Во 2024 година, во земјите на Европската Унија биле регистрирани вкупно 737.142 автобуси и моторни автобуси, вклучувајќи тролејбуси и минибуси, што во просек изнесува 1,6 автобуси на 1.000 жители, покажуваат најновите податоци на Евростат.
Северна Македонија со вкупно 3.690 автобуси има околу 2 автобуси на 1.000 жители, што ја позиционира нешто над европскиот просек. Највисока стапка на автобуси по глава на жител е забележана во Малта со 4,6, по што следуваат Луксембург со 4,0 и Естонија со 3,7 автобуси на 1.000 жители. На спротивниот крај се Холандија со само 0,5, Германија со 1,0 и Австрија со 1,2 автобуси на 1.000 жители.
Во регионот, најголем број автобуси на 1.000 жители има Албанија со 3,8, потоа Романија со 3 и Бугарија со 2,8. Следуваат Грција со 2,6, Црна Гора со 2,4, Србија со 1,8, Хрватска со 1,5 и Босна и Херцеговина со 1,3 автобуси на 1.000 жители.
Иако бројот на автобуси по жител во ЕУ останал речиси непроменет во последната деценија, податоците покажуваат значителен раст кај патничките автомобили. Во Европската Унија, бројот на автомобили на 1.000 жители пораснал од 506 во 2014 година на 578 во 2024 година. Македонија, и покрај растот од 180 на 319 автомобили на 1.000 жители во истиот период, и понатаму е значително под европскиот просек.
Во однос на обновата на возниот парк, просекот во ЕУ во 2024 година изнесувал 5,1%, додека Северна Македонија со 379 новорегистрирани автобуси бележи стапка на обнова од 10,2 проценти, што е двојно повисоко од европскиот просек. Највисока стапка на обнова е забележана во Луксембург со 11,6%, Холандија со 9,6% и Австрија со 9,5%, додека најниска имаат Бугарија со 0,7%, Полска со 2,4% и Унгарија со 2,5%.
Податоците на Евростат покажуваат дека мерките за подобрување на квалитетот на воздухот во урбаните средини имаат позитивен ефект врз зголемувањето на бројот на автобуси со нулта емисија. Во 2024 година, 17,8% од новорегистрираните автобуси во ЕУ биле со нулта емисија, што е повисок удел во споредба со патничките автомобили, каде тој изнесува 13,5%. Вкупно, во ЕУ биле регистрирани 6.746 нови автобуси со нулта емисија.
Спротивно на европските трендови, во Македонија доминираат автобусите со дизел мотори. Според податоците на Државниот завод за статистика, од вкупно 3.690 автобуси во 2024 година, дури 3.609 или 97,8% користат дизел гориво, 63 се на бензин-гас, додека само 15 автобуси, односно 0,4%, се електрични.



![Македонија трета во Европа по стапка на фемицид во 2023 korona-samoubistvo[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/korona-samoubistvo1.jpg)


