MKinformer

your daily dose of news

Отворена новата општинска зграда во Карпош – симбол на модерна администрација и заедништво

11/09/2025 8:38

Во свечена атмосфера беше пуштена во употреба новата зграда на Општина Карпош, која ќе ја обедини целата општинска администрација. Со површина од 4.500 м² и повеќе од една деценија вложена во нејзината изградба, оваа модерна институција претставува еден од најсовремените административни објекти во Македонија.

Градоначалникот Стевчо Јакимовски, кој го нарече „нов дом за карпошани“, истакна дека вратите на општината ќе бидат секогаш отворени за граѓаните, овозможувајќи им на едно место да ги решаваат своите потреби и права.

Јакимовски потсети дека проектот започнал со поставување на камен-темелник, кој претставувал визија и сон за нова општинска зграда. „Со работа, посветеност и трпение, чекор по чекор изградивме објект кој е повеќе од бетон и арматура – тој е симбол на заедништво и доказ дека кога постои цел, нема невозможни работи,“ рече тој.

Градоначалникот нагласи дека новата зграда не е само за администрацијата, туку е транспарентен простор кој им припаѓа на сите жители на Карпош. Според него, оваа институција ќе биде место каде што се носат важни одлуки за иднината на општината, а истовремено и уште еден доказ дека Карпош е лидер во развојот и секогаш чекори напред.

„Ова е заедничка приказна на сите граѓани на Карпош – град што гради, расте и создава европски стандарди,“ додаде Јакимовски.

error: Содржината е заштитена од копирање !!