MKinformer

your daily dose of news

Јакимовски: ВМРО на Карпош му продаде мачка во вреќа

08/05/2026 14:54

Јакимовски: Овластувањето не ја брише одговорноста, Карпошани заслужуваат нови избори

Поранешниот градоначалник на Општина Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевче Јакимовски, во жестока објава на социјалните мрежи го обвини актуелното раководство на Општина Карпош и ВМРО-ДПМНЕ за целосен застој и изигрување на волјата на граѓаните. Повод за реакцијата е најавата за неофицијално повлекување на актуелниот градоначалник Сотир Лукровски и воведување партиски заменик-градоначалник.

„Карпошани гласаа за еден, а добија друг“

Јакимовски порачува дека овластувањето дадено на друг човек не го ослободува градоначалникот од одговорност.

„Не може Карпошани да гласаат за еден човек, а ВМРО-ДПМНЕ потоа да им поставува друг да ја води општината. Не може избран градоначалник да се крие зад партиски заменик, зад адвокати, секретари, супервизори и партиски штабови, а одговорноста да исчезне како ништо да не било.“

Според него, шест месеци Карпош живее во целосен застој, приходите се сведени на минимум, нови проекти нема, а старите не се реализираат.

Лукровски, „човек кој ниту сака, ниту може“

Јакимовски остро го критикува Сотир Лукровски, кој на изборите на 2 ноември 2025 година го доби мандатот да ја води Општина Карпош.

„Уште од самиот старт почна да лелека колку му било тешко. Еднаш му биле сложени процедурите. Другпат се плашел да потпишува. Третпат му било тешко да прима граѓани. Четврти пат не можел да ја сфати работата.“

Јакимовски поставува директно прашање: „Па добро, за што се кандидираше човекот?“

„Колективно претседателство“ наместо градоначалник

Според поранешниот градоначалник, ВМРО-ДПМНЕ воведе колективно раководење во Карпош: секретар без кој не може ни мува да помине, нови луѓе во урбанизмот, канцеларија за советничка која изигрува правник, надворешен супервизор, двајца адвокати кои до доцна проверуваат секој акт.

„Карпош не доби градоначалник. Карпош доби колективно претседателство како во посттитова Југославија.“

Сега на сцена, како што вели, излегува Синан Хасани, фигура која треба да изгледа како решение, а всушност да ја покрие неспособноста на системот што ВМРО-ДПМНЕ самите го создале.

„И магаре да ставиме, ќе го изберат“

Јакимовски потсетува на познатата изјава на ВМРО-ДПМНЕ дека и магаре да ставиме, ќе го изберат“ и додава:

„Е арно ама, „магарето“ потоа треба да ја води општината. Сега човекот глуми дека има „шум на ум“, а Карпош го претвора во мртов коњ.“

Нови избори, единствено решение

Јакимовски завршува со јасен апел до институциите и граѓаните:

„Од вмровското карпошово буре со лаги веќе тече на сите страни. А тие дупки не се затвораат со партиски долги прсти. Се затвораат само со едно, нови избори.“

Тој порачува дека Карпошани заслужуваат градоначалник со легитимитет, знаење и одговорност, а не партиски заменик, колективно претседателство или мртов коњ.

„Карпош не е играчка. Карпош не е плен. Карпош мора да им се врати на граѓаните.“

error: Содржината е заштитена од копирање !!