(Видео во живо) Граѓани од Ново Лисиче повторно на протест поради енормното загадување
12/09/2025 21:08
Со транспаренти, свирчиња и гласни скандирања, жителите на Ново Лисиче денес попладне ја блокираа сообраќајницата кај паркот на авиончето, изразувајќи незадоволство од загадениот воздух кој со денови го дишат.
„Помеѓу две депонии умира еден град“, „Премиерот дише ист воздух или има некој друг?“, „Аеродром зелено гето“ и „Изборите ви се угушија“ беа само дел од пораките што ги упатија демонстрантите.
Причината за револтот е сериозното загадување кое настана по пожарите на депониите „Вардариште“ и „Дрисла“. Воздухот во овој дел од градот веќе со денови е оценет како опасен по здравјето.
Иако Владата и надлежните институции излегуваат со контрадикторни изјави, граѓаните велат дека тоа не е доволно и бараат итна реакција. Во меѓувреме, мерните станици регистрираат екстремно високи концентрации на штетни честички, а стравувањата се дека со доаѓањето на зимата состојбата ќе се влоши уште повеќе.
Протестантите апелираат надлежните без одлагање да понудат трајно решение за овој горлив проблем, пред почетокот на грејната сезона.






